Достапни линкови

Разговор со Светозар Ристовски. Сакав да направам поинаква приказна за Балканот


Вашиот филм, колку што е сторија за Балканската филхармонија, уште повеќе е фреска во која се поместени неколку судбини на сосема обични луѓе од овој простор. Каква е вашата приказна?

Основната моја намера беше да направам приказна којашто ќе биде поинаква од стереотипните приказни за Балканот, почнувајќи од западните новински агенции коишто го скроија Балканот токму така како што одговараше политички да се претставува Балканот. Па, така, претставата којашто европејците, посебно северноамериканците ја имаат за Балканот, е сосема поинаква и е малку стерилна и искривена и многу е далеку од она како стојат работите на Балканот, посебно меѓу обичните луѓе. За мене беше битно таа приказна да стигне точно до сите луѓе коишто беа бомбардирани од телевизиски, новински вести и прикажувања на Балканот, за да видат една вистинска животна сторија, односно една сторија којашто ќе задре малку во животот на Балканот.

Во тој контекст, какви ни се шансите на нас Балканците?

Работите на Балканот за среќа почнуваат да се подобруваат. За среќа, она за што јас пред две години кога почнав да го снимам филмов се залага – а тоа беше да престане да се мисли националистички и во дух на непријателство, туку спротивно од тоа, во дух на пријателство и на една ренесанса која треба да се случи на Балканот. Јас навивам за подобрите денови што треба да дојдат на Балканот. Меѓутоа, колку побрзо или подоцна ќе дојдат ќе зависи од сите луѓе на Балканот, ќе зависи од тоа колку луѓето се подготвени да вложуваат и да работата заедно.

До каде се стигнати подготовките за новиот, прв игран филм на Светозар Ристовски, чиј работен наслов e „Години на надеж“?

Подготовките се веќе започнати, а со снимање треба да почнеме напролет. Се надевам дека пред крајот на идната година, ако се биде како што треба, филмот би требало да биде завршен. Темата којашто е Балканот. Се нуди една приказна којашто е малку цинична, но многу искрена, којашто тргнува некаде од Македонија и завршува во Виена.
XS
SM
MD
LG