Достапни линкови

Мора да заживеат концепти за тоа како се гради мултиетничка држава


Во Tетово неодамна е урнат споменикот на албанскиот преродбеник од 18 век Наим Фрашери, а завчера истото се случи и со бистата на народниот херој Гоце Стојчевски Амбарче. На маргините на информациите за тоа дали поставувањето на споменикот на Фрашери е легално или некој стои зад ова како и зад одмазничкото уривање на бистата на народниот херој се отвара прашањето колку сме подготвени да ја почитуваме културата на другиот. Одговорот на ова прашање е суштествен за сопствениот идентитет вели книжевниот критичар Наташа Аврамовска.

„Нашиот однос кон другиот секогаш е исказ за нашиот однос кон себеси. Агресивноста во однос кон другиот секогаш говори за некаков проблем што самиот го имаме.“

Во ситуација на изместени вредности каде доминираат улични или племенски стандарди не можете да очекувате култура на почитување на другиот. Оценува писателот Ким Мехмети:

„Тие улични и племенски стандарди не се созреани и немаат рбет да поднесуваат туѓа вредност. Тие секогаш одат на негирање и тоа нам ни се случува.“

Она што може да се направи е да се воспитува чувството за вредност кај другиот, а со тоа истовремено почитување на себе и сопствената култура

„Иако во општествени услови во какви што живееме, тоа може да звучи и утописки, затоа што на такво конструктивно настојување, едноставно, му се поставуваат премногу пречки. Ама сепак треба да се знае дека тоа е единствениот начин, другиот е уништувачки, контрапродуктивен.“

Доколку во Македонија не заживеат концепти со јасна претстава како се гради мултиетничко, мултикултурно и мултиконфесионално општество за нас нема иднина

„Македонија пишува двојна историја. А мултиетничка држава со двојна историја нема иднина. Тука никој нека не го лаже овој народ. А за тоа да се прекине ќе мора да направите образовен и културен систем, којшто, покрај чувството за етничка и не знам каква друга припадност, ќе го има и чувството за државна вредност кое пак се гради само тогаш кога ние можеме да почувствуваме што се наши заеднички вредности – дека и тој писател Албанец е вредност на оваа земја, и Македонецот е вредност на оваа земја. Се додека тоа не го направиме нема оптимизам во оваа средина и ние ќе умираме на рати,“

вели Мехмети.
XS
SM
MD
LG