Достапни линкови

Која е идеолошката заднина на грабнувачите?


Која е идеолошката позадина на вооружените чеченски милитанти кои држат стотици заложници во Московскиот театар? Дали тие се членови на некоја минорна група или пак расте тенденцијата на поекстремна тактика меѓу чеченските бунтовници?

Чеченскиот командант Мовсар Бараев кој ги предводи грабнувачите единствен не го криел лицето кога на екипата на НТВ телевизијата и беше дозволено накусо да влезе во театарот. Бараев кој има нешто повеќе од дваесет години уште еднаш повторил дека нивна единствена цел е завршувањето на војната во Чеченија. Тој е внук на Арби Бараев – лидер на чеченска муслиманска фундаменталистичка група кој во минатата година беше убиен од руските сили.

„Знам дека постоеше елемент на религиозен екстремизам во неговата група. Арби често беше обвинуван за заговорник на конзервативното Вахаби движење во Чеченија. Мислам дека Мовсар Бараев ги следи стапките на својот вујко.“

вели директорот на Севернокавкаскиот сервис на Радио Слободна Европа Аслан Дукаев, кој додава дека Арби Бараев и неговата група никогаш не била многу популарна во Чеченија.

„Тој никогаш не беше почитуван командант. Тој често беше обвинуван дека стоел зад многу киднапирања.“

Дукаев додава дека Бараеви беа надвор од контролата на лидерот на сепаратистичкото чеченско раководство Аслан Масхадов, кој, како што вели, никогаш не бил муслимански фунадменталист. Според Дукаев, групата на Бараев не покажува дека расте екстремизмот во Чеченија.

„Секако дека има екстремни гупи или луѓе во Чеченија. Но, во целост чеченското движење е за независност, а не за исламистички идеи или за исламистичка влада.“

наведува Дукаев. Грабнувачите во московскиот театар велат дека се подготвени да умрат во исполнувањето на своите цели. Според снимките што ги направи екипата на НТВ телевизијата во театарот, грабнувачите се маскирани и добро вооружени. Некои од нив имаат експлозив околу половината. На те-ве екипата сепак не и беше дозволено да ја сними концертната сала во која се наоѓаат заложниците. Докторот Леонид Рошал кој неколку пати ги посети заложниците изјави дека тие биле главно мирни, но оти на некои им треба медицинска помош.

„Меѓу децата има три кои се болни. Едно девојче има епилепсија, друго е со тежок случај на бронхитис, а едно дете има пневмонија. Барањата тие да бидат пуштени беа категорично одбиени.“

изјави Рошал додавајќи дека меѓу заложниците има дваесетина деца помлади од четрнаесет години.
XS
SM
MD
LG