Достапни линкови

Потребно е реинтегрирање на „Лавовите“


Претседателот на Република Македонија Борис Трајковски смета дека ситуацијата во однос на минатата година е релаксирана. Токму затоа, „Лавовите“ треба да бидат реинтегрирани, изјави денеска Трајковски сметајќи дека приоритет на новата влада треба да биде подигнување на економскиот стандард. Тој рече:

„Ние за време на конфликтот навистина имавме потреба од дејствувањето на одредени безбедносни структури на теренот за справување со самата ситуација, но во меѓувреме, со одлука на Владата, беше формирана таа единица за која – според начинот на којшто беше составена – кај мене постоеја одредени дилеми, бидејќи секоја единица, ако е формирана со одлука на владата, треба да помине низ одредена законска постапка. Јас конкретно немам ништо против самите луѓе кои беа во составот на таа единица, меѓутоа, после чинот на релаксација на состојбите во државата, сметав дека сега е време сето тоа да се озакони – дел од нив да се реинтегрираат во одредени структури, бидејќи Македонија е во процес на формирање на гранична бригада каде што еден дел од тој потенцијал може да се искористи таму, друг дел – оние кои припаѓаат на единицата тигри – да биде вратен назад во таа единица, а третиот дел кој нема да ги исполнува законските критериуми да бидат вратени назад и, според нивниот учинок, да бидат реинтегрирани во самото општество. Често пати јас зборувам дека пред новата влада постојат неколку приоритети и предизвици, а тоа е да зборуваме малку за еконкмскиот развој и борбата против сиромаштијата, подигањето на животниот стандард и реализацијата на нашите надворешно политички цели. Тоа се прашања за кои сметам дека се приоритетни, а се разбира, она што е дел од консолидацијата на состојбите во регионот, е да се вратат раселените лица, да се продолжи со реконструкцијата и обновата на инфраструктурата, а исто така да продолжат и мерките за градење на сигурност и доверба меѓу граѓаните во поранешните кризни подрачја.“
XS
SM
MD
LG