Достапни линкови

Барање за зголемување на бројот на предавачите поради голем интерес


Триесет дипломирани теолози по православна и 12 по исламска религија ќе ја спроведуваат факултативната настава по веронаука во основните училишта, поточно за третооделенците. Од Исламската верска заедница најавуваат дека ќе поднесат барање до Бирото за развој на образованието за зголемување на бројот на предавачите поради големиот интерес на децата.

„Бројот се зголемува и што се однесува до припадниците на Исламската верска заедница, веќе изнесува над 10.000,“

вели Јакуп Селимовски кој посочува дека наставата ќе се одвива на четири јазици, македонски, албански, турски и ромски.

Професорот на Теолошкиот факултет во Скопје и координатор на учителите по вероонаука, Ратимир Гроздановски не посочува број на заинтересирани да ги следат часовите:

„Можам само да посочам дека бројката на одделенијата каде што веќе се предава веронауката е различен. Да речеме, од 4-5 до 35-36 слушатели.“

Тој објаснува што ќе учат децата:

„Досега беше бесмислено тоа што децата беа ослободувани од часовите за Велигден и за Божик, а не знаеја зошто се дома и што значи празнувањето.“

Родителите пак со различни мислења, некои сметаат дека изучувањето на вероисповеста е добро за нивните деца

„Од тоа може да имаат само корист, никако штета.“

Оние пак кои сметаат дека децата не треба да ги посетуваат овие часови велат дека веронауката не треба да биде застапена во образовниот систем

„Премногу е политизирано прашањето коешто осредена политичка гарнитура сакаше да го воведе во училиштата.“

Децата кои не се определиле да ги посетуваат часовите велат:

„Не би сакал да учам веронаука, бидејќи имаме премногу обврски од редовните часови во училиштето, а и повеќе би сакал да го трошам времето со другарите.“
XS
SM
MD
LG