Достапни линкови

Одбивање на предлогот за изземање од кривична јурисдикција на војници на САД


„Хјуман Рајтс Воч“ упати писмо до македонската влада во кое и препорачува да не го прифаќа предлогот на САД од ингеренциите на меѓународниот казнен суд да бидат изземени американските државјани. Владата на САД е решена да продолжи со опструкциите врз овој суд. Бушовата администрација упорно настојува државите низ целиот свет да го одобрат овој билатерален договор, содржан во член 98 од римскиот статут, според кој американските војници би требало да бидат изземени од кривична јурисдикција на овој суд, стои во писмото на „Хјуман Рајтс Воч“ упатено до македонската влада.

Америка ја има моќта да ги условува државите кои зависат од неа, вели професорот по кривично право Др. Ѓорѓе Марјановиќ.

„Една голема сила може да те принуди на нешто што таа не сака. Меѓутоа јасно е дека, она што важи за другите таа не сака да важи и за неа. Видовте дека ми се чини, Романија веќе ги послуша. Ако Романија ги послуша што има 25 милиони жители, претпоставувам дека не е никаква тешкотија и Македонија да ги послуша, зашто ние и така се сметаме себе си за протекторат.“

Но, вели професор Марјановиќ дури и САД да издејствуваат да се прифати предлогот со кој се обезбедува имунитет за нејзините државјани, меѓународниот казнен суд би можел да функционира.

„Може и треба да функционира, ако се согласиме нема работа што не може да се реши. Меѓутоа, тоа функционира за сите други освен за најмоќниот. Со тоа, според мене се нарушува едно важно начело на законитост и на она што се нарекува правна држава, а тоа е дека законот важи за секој. Тоа начело не може да се спроведе со едно вакво изземање на Америка од јурисдикцијата на меѓународниот кривичен суд.“

Инаку, парламентарното собрание на Советот на Европа веќе го одби барањето на САД и прифати резолуција со која се бара од земјите членки да не потпишуваат спогодби за имунитет со кои американските сили се изземаат од можни прогони пред меѓународниот казнен суд.

Токму затоа, со потпишувањето на еден ваков договор од страна на вашата земја, се создава постојана политика на несоработка со овој суд, и воочува на македонската влада „Хјуман Рајтс Воч“.
XS
SM
MD
LG