Достапни линкови

Новиот министер за внатрешни ќе даде предлог за иднината


По парламентарните избори се актуелизира прашањето за судбината на специјалната единица „Лавови“, бидејќи некои од нејзините активности се поврзуваат со повеќе инциденти, мегу кои насилното одземање на гласачката кутија во Лешок и непримерното однесување во објектите во Маврово каде што се сместени.

Тоа е една од единиците на Министерството за внатрешни работи што се формираа во услови на војна, а таа е веќе зад нас. Поради тоа:

„Ние сме подготвени целиот пакет на односи кои владеат во МВР во врска со специјалната единица „Лавови“, веднаш по формирањето на владата, новиот министер за внатрешни работи да предложи што да се прави со таа единица понатаму.“

вели потпретседателот на социјалдемократите Никола Поповски. Тој посочува дека се додека не ги согледаат сите аспекти на постоењето на оваа единица - нејзината големина, намена и праксата од која се раководи, како и кадровската структура, не може да се прецизира што со неа.

Според Поповски прашањата за формациите во рамки на МВР:

„се внатрешна работа на Република Македонија и не се нешто за што меѓународната заедница треба да ни дава начини на кои ние да ги формираме, расформираме или трансферираме тие единици и тоа се однесува за сите формации, а не само за „лавовите“.“

Претставникот на Европската Унија во земјава, Ален Ле Роа се надева дека ќе се реши прашањето со „Лавовите“:

„Јасно е во програмата на СДСМ, најмалку барем да се реструктуира единицата на лавовите.“

По зачестените обвинувања за „Лавовите“, министерот за внатрешни работи Љубе Бошковски застана во нивна одбрана:

„ДУИ и поранешната ОНА и АНА ни станаа симпатични организации, а сега постојано се на удар македонските синови од редовите на „лавовите“ на кои им се припишуваат разни квалификации.“
XS
SM
MD
LG