Достапни линкови

Победа на коалицијата „За Македонија Заедно“


Според првичните неофицијални резултати, опозиционата коалиција „За Македонија Заедно“ победи на четвртите парламентарни избори во Македонија.

Нешто по полноќ, премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Љубчо Георгиевски го призна поразот на владеачката коалиција и неформално му ја честиташе победата на лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски.

„ВМРО-ДПМНЕ и ЛП нема да бидат во можност да формираат влада. Неформално ја честитам победата на лидерот на СДСМ и на коалицијата За Македонија Заедно.“

Тој рече дека пребројувањето на преостанатиот дел од гласовите нема значително да влијае на резултатите и истакна дека овие избори беа најдемократски од осамостојувањето на Македонија.

Во седиштето на СДСМ пак, во еуфорична атмосфера беа дочекани првите резултати од изборите и победата на коалицијата „За Македонија Заедно“. На насобраните луѓе им се обратија носителот во изборната единица број 2 Трифун Костовски, лидерот на ЛДП Ристо Пенов и лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски. Тој им се заблагодари на граѓаните и рече:

„Сите заедно покажавме дека сме зрел и државотворен народ, којшто знае кога што треба да направи.“

Коалицијата „За Македонија Заедно“ ќе почека на конечните резултати од изборите и прославата ја закажа за денеска во 18 часот на плоштадот „Македонија“ во Скопје.

Околу 1:30 часот по полноќ прес-конференција одржа и ДИК, а портпаролот Зоран Таневски ги соопшти нецелосните и неофицијални резултати од 5-тата и 6-тата изборна единица. Тој рече дека во комјутерскиот центар и натаму се обработуваат гласовите, а во текот на попладнево се очекува да бидат објавени и првите нецелосни официјални резултати од изборите.
XS
SM
MD
LG