Достапни линкови

Изградба на стабилен демократски систем ќе биде најголем придонес на Македонија


Македонија најмногу може да придонесе во битката против тероризмот ако изгради еден стабилен демократски систем кој ќе се интегрира во Европа, а малиот потенцијал што го имаме како држава треба да го ставиме во служба на проширување на демократијата во светот, вели Денко Малевски, професор по меѓународна политика на Правниот факултет за улогата на земјава што треба да ја има во борбата против ова светско зло.

„Македонија, како мала земја, со многу мало влијание во светската политика, мора внимателно да ги следи трендовите и да процени во која насока оди светот. Се разбира, нам, како земјка којашто е аспирант да стане дел од западните структури – Европската унија и НАТО – ни е во интерес да ги поддржуваме нашите идни партнери, а никако не да се конфронтираме со нив.“

Професорот Малевски вели дека по 11 септември, кога беа урнати двете згради на светскиот трговски центар во Њујорк, животите ги загубија околу 3000 луге, високо на листата на приоритети на американската политика се најде борбата против тероризмот, а тоа ќе остане така и во наредните години.

Според него многумина во светот, особено Европејците не се во состојба да ја разберат американската решителност да се тргне во борба за пораз на тероризмот, бидејќи на него гледаат повеќе како на метод и сметаат дека ако се оттргнат причините на ова зло, проблемот е решен.

„За разлика од нив, за Американците ова е едно ново искуство. Современиот тероризам е нешто друго од тероризмот што го познаваат Европјаните. Ние зборуваме за тероризам како чин на поединечни акти, атентати итн., меѓутоа, современиот тероризам, со средствата коишто и стојат на располагање на терористите – средства од типот на хемиските, нуклеарните, биолошките оружја – зборуваат дека еден терористички напад може да значи губење на страотно многу луѓе.“

Малевски порачува дека:

„треба да се размисли внимателно за американскиот став којшто бара одлучна акција против тероризмот и ми се чини дека Европјаните не би требало да чекаат нешто слично да се случи во Париз или во Лондон или во Мадрид, за да се отрезнат од оваа ситуација.“
XS
SM
MD
LG