Достапни линкови

Опозицијата не прифаќа ТВ дуели


Една од карактеристиките за оваа недела беше одбивањето на предлогот за телевизиски дуели од страна на коалицијата „За Македонија заедно“. За причините за одбивањето шефот на изборниот штаб на опозиционата коалиција Јани Макрадули вели:

„Оценка е дека ТВ дуелите ќе претставуваат лична дисквалификација, злоупотреба на фунцкиите, а не борба на факти.“

Портпаролот на Либералите Ивон Величковски, пак, смета дека одбивањето е поради тоа Што

„Не можат да ги соочат фактите со претставниците на нашата коалиција.“

Во врска со последните поостри настапи на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Љубчо Георгиевски за улогата на меѓународните претставници во ланската криза, Величковски рече:

„Господинот Георгиевски, ниту било кој претставник на коалицијата не ја поистоветил целокупната меѓународна заедница со она што би се нарекло негативно влијание на поедини случаи или играли или намерни играчи со цели коишто пред нив си ги поставиле самите или одредени интересни групи.“

Иако партиските претставници велат дека на митинзите се зборува само за иднината на државата, сепак на нивните настапи неизбежна тема се и минатогодишните случувања. Премиерот Георгиевски на последните средби со граѓаните ја обвинува опозицијата за нејзиното тогашно однесување

„Кога ние купувавме оружје, тие не кодошеа кај странците за да не го купиме. Кога ние праќавме бригади во одбрана на Македонија, тие ни собираа досиеја да не праќаат во Хаг. Тогаш кога ни беше најтешко сакаа предвремени избори, нека ги чекаат и во наредните четири години, можеби ќе го дочекаат тој ден.“

Лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, пак, на митингот во Тетово со напади до владејачките партии во врска со идејата за поделба на териториите и за размена на населението

„Тоа беше идејата што беше промовирана јавно и беше поддржаба и од Георгиевски и од Андов. Тоа не беше идеа само на парче хартија. Таа идеа тие почнаа и да ја реализираат.“

Во партите на Албанците деновиве беше актуелен предлогот на ДПА за нивно заедничко учество во владата што ќе биде формирана по изборите.

Потпретседателот на ПДП Абдулади Вејсели изјави дека за тоа е се уште рано да се зборува. Според Азис Положани од ДУИ таквиот предлог не е на дневен ред во партијата. Што се однесува до текот на кампањата, тој вели дека и покрај одредените притисоци врз некои нивни членови, тие ја продолжуваат конструктивната улога, затоа што:

„Таквиот наш пристап и таквата наша политика очигледно се прифаќа не само од нашите граѓани, туку имаме и поволни сигнали и од меѓународниот фактор.“

Вејсели, пак, истакнува дека некои партии за да го зголемат својот рејтинг се повеќе се радикализираат, што за ПДП е неприфатливо.

„Ние водиме една невообичаена кампања за овие простори, поради тоа што пред гласачите излегуваме умерени.“

нагласи Вејсели, повикувајќи ги и другите да го следат нивниот пример.
XS
SM
MD
LG