Достапни линкови

Постојат индивидуални негодувања


Специјалната извидничка единица при АРМ „Рисови“, кои се војници по договор, незадоволни од одлуката на Генералштабот, во нивната единица да се прекомандуваат тројца нови подофицери Албанци три дена одбиле да ги извршуваат редовните дневни обврски барајќи нивна смена.

Дека револт кај војниците постоел потврдува и портпаролот на АРМ Зоран Секуловски:

„Има случаи на индивидуално негодување, меѓутоа, тоа се ставови на поединци, а не на целокупниот колектив.“

Но, сепак одлука за смена на тројцата подофицери Албанци досега не е донесена и тие остануваат во оваа единица

„Армијата на Република Македонија мора да го почитува охридскиот рамковен договор и презема чекори за пополнување на единиците со старешински кадар и професионални војници и подофицери и офицери од албанска националност. Според тоа, тие подофицери се распоредуваат во сите, а не само во специјалните единици на АРМ.“

Со рамковниот договор се предвидува праведна и соодветна застапеност на припадниците на заедниците во државните институции.

Инаку одзивот на регрути Албанци во АРМ кој пред воената криза изнесувал 20 до 25 проценти, иако е во пораст не задоволува

„Сепак, има нагорна линија и подобрување на тој процент. Не е онаа застапеност од 20-25 проценти што ја очекувавме, меѓутоа, има една нагорна линија и веруваме дека со наредните генерации тоа ќе се зголемува.“

изјави портпаролот на АРМ Зоран Секуловски.
XS
SM
MD
LG