Достапни линкови

ЕУ ќе го одложи преземањето на мисијата во Македонија?


Европската Унија, според Солана, би можело да го одложи преземањето на мировната мисија во Македонија за втората половина на ноември или за кон крајот на годинава. Со забелешка дека, за примопредавањето, се уште не разговарал со генералниот секретар Џорџ Робертсон, еврокомесарот Хавиер Солана ја сугерираше можноста НАТО да остане во Македонија и по 26-ти октомври кога истекува мандатот на Алијансата.

„Не ја исклучувам можноста НАТО да остане подолг период, да кажеме до втората половина на ноември или до крајот на годинава. По тоа ние би можеле да го извршиме преземањето на мисијата,“

изјави еврокомесорот Хавиер Солана, кој додаде дека не би сакал да го интерпретира она што НАТО сака да стори.

Претставник на Алијансата во Брисел изјави дека НАТО не го разгледувал ова прашање, но оти не треба да се отфрли опцијата за продолжување на мандатот. Преземањето на мисијата во Македонија, како што јавуваат агенциите, треба да го означи дебито на кризниот менаџмент на Европската Унија, чија безбедносна и одбранбена политика го турка проектот за сили за брза реакција во кои би имало шеесет илјади војници. Меѓутоа, како што е познато, амбициите на Европската Унија да го замени НАТО кој, по минатогодишниот конфликт, има околу седумстотини војници во Македонија беа намалени откако во врска со силите за брза реакција се појавија недоразбирања меѓу Грција и Турција.
XS
SM
MD
LG