Достапни линкови

Забележани првите несакани настани


По релативно мирниот почеток на предизборната кампања и првичното испитување на силите на политичките ривали, втората седмица веќе ги донесе првите несакани настани. Најголеми бранувања во јавноста предизвика убиството на двајца полицајци во Гостивар додека ја вршеле должноста. Поради настанатата тензија Демократската Унија за интеграција на Али Ахмети го одложи закажаниот митинг во Скопје.

„Од скопскиот митинг ние се откажавме најмногу поради фактот што сакавме да дадеме позитивен придонес за развојот на настаните тука и затоа што сакаме фактички да одиграме конструктивна улога.“

вели Теута Арифи од ДУИ.

Потоа се случија и експлозијата на бомба во близина на седиштето на оваа партија, фрлениот Молотов коктел во просториите на НДП во Чаир, како и заложничката драма на петтемина киднапирани на автопатот Тетово- Гостивар. Најголемите коалиции со различен став за тоа кој стои зад овие инциденти

„Ова го прави владејачката гарнитура затоа што сосема е свесна дека одамна ја има изгубено довербата на граѓаните и оттаму само во ваква хаотична состојба го бара излезот од сопствениот пораз.“

вели Андреј Жерновски од ЛДП, а од друга страна Влатко Ѓорчев од ВМРО ДПМНЕ вели:

„Албанските терористи се тие кои што го нарушуваат мирот во Република Македонија.“

Инаку, кампањата, барем според партите, веќе почна да ги дава првите ефекти.

„бројките во анкетите рапидно се зголемуваат во наша корист. Имаме една ситуација на стагнација на бројките на СДСМ, додека коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и ЛПМ има еден нагорен тренд.“

вели Влатко ѓорчев. Во коалицијата „За Македонија заедно“, пак, се повеќе од задоволни од масовната посетеност на нивните митинзи.

„Ние бевме оптимисти и пред тоа, но ова што се случува и огромната посетеност е над нашите очекувања,“

изјави Андреј Жерновски.

Во ДПА исто така задоволство од текот на кампањата, чија главна цел, според Џевдет Насуфи е:

„во албанскиот политички блок да освоиме максимален број на пратеници.“

ПДП, пак смета дека последните случувања се дел од пошироко сценарио со цел да се наруши нормалното одвивање на изборниот процес. Сепак, оваа партија останува на својата почетна определба:

„кампањата да тече мирно, без навреди, коректно, со претставување на политички програми, проекти и идеи, а не навреди и конфронтирања со другите политички партии,“

нагласи портпаролот Захир Бектеши.

И во ДУИ сметаат дека е неопходно предизборната кампања да се одвива во мирна атмосфера и без притисоци. На што се базираат настапите на оваа партија на митинзите

„на прикажување на програмата на нашата партија и во една отворена дебата со нашите политички опоненти, без да се навлегува во теми кои би го нарушиле личниот интегритет или би ги деградирале нашите опоненти,“

истакна Теута Арифи

И покрај загриженоста поради последните случувања, сите поголеми партии во земјава се надеваат дека тензиите ќе престанат и нема да влијаат врз натамошниот тек на предизборната кампања и регуларното одвивање на изборите.
XS
SM
MD
LG