Достапни линкови

Арбен Џафери, лидер на ДПА. Претстојните избори имаат само демократско значење


Од какво значење се претстојните парламентарни избори за иднината на Македонија?

Ова ваше прашање содржи една нота на трагично претскажување на иднината. Сите поставуваат вакви прашања сметајќи дека Македонија е во прашање. Јас сметам дека овие избори ќе имаат само демократско значење, никакво друго значење. Мислам дека не се работи за некои крајни состојби каде се претскажува дека ако не дојде одредена партија на власт сите идни процеси ќе бидат негативни за Македонија. Мораме да се соочиме со фактот дека изборите се само демократски и никакви други. Мислам дека ќе се води една остра борба меѓу двете опции водени од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Кој ќе добие е тешко да се претскажува, но сметаме дека било која политичка партија да добие не може да бега од обврските наметнати од меѓународниот фактор што тука веќе е присутен и воено и политички. Нивното присуство влијае позитивно врз безбедноста на Македонија.

Каква е перспективата на меѓуетничките односи во мултиетничка заедница каква што е Македонија?

Па мислам дека Македонија е единствен случај на просторите на поранешна Југославија. Во просторите на поранешна Југославија имавме војни и поделби. Во Македонија имавме војна што не се заврши со територјална поделба, туку граѓаните и понатаму живеат мешано и се во перманентна интеракција меѓу себе. Тоа е една добра, позитивна страна на животот во Македонија. Но, односите се тешки има доста стереотипи, разни предрасуди што не може да се искоренат одеднаш. Мислам дека на Македонија и недостасува една стратегија за тоа како да се подобрат меѓуетничките односи. Се очекува дека тие сами од себе ќе се подобрат. Јас сметам дека не може да се подобрат и како земја што зависи од тие односи мораме да имеме конкретен план, конкретна стратегија за подобрување на меѓуетничките односи. Тие односи се доста тешки, затоа што се наследени и наталожени некои проблеми што треба допрва да се решаваат. И мислам дека менталитетот е најтврдокорна категорија што не се менува лесно, туку треба со јасен политички и општествен ангажман да се решат некои проблеми што се извор на предрасуди.

На кој начин Македонија ќе обезбеди позабрзано интегрирање во ЕУ и членство во НАТО?

Мислам дека сите тежнееме да одиме кон вакви структури, но малку работиме во процесот на трансформација на стандардите и односите во општеството. Без јасна трансформација на институциите пто треба да ги почитуваат стандардите на ЕУ и НАТО не можеме да се вклучиме во овие институции. Сметам дека тука постои една агенда што бара да се имплементира, а без јасна стратегија сметам дека нашето вклучување ќе задоцни, а тука кај нас недостасува политичка елита што јасно размислува за тие процеси. Ние на тоа гледаме како на подарок што треба да дојде од запад, а не како на должност на Македонија. Ништо не доаѓа од запад како подарок, туку како должност. Ако сме спремни да ги исполниме нашите должности сметам дека нашето вклучување ќе се олеснува.
XS
SM
MD
LG