Достапни линкови

Евакуирани илјадници жители на Прага


Чешките власти во текот на ноќта и изутрината извршија евакуација на населението и од делови на стариот дел на Прага, бидејки новото на реката Влтава секој час се зголемува за 10 до 15 сантиметри и веќе е за над 7 ипол метри над нормалата. Делови од Прага веќе се поплавени, а над 50 илјади луѓе се евакуирани од своите домови. Спасувачки екипи и доброволци се на теренот правејки брани од вреќи песок со цел да се спречи поголема катастрофа. Сите мостови во Прага се затворени за сообраќај, јавниот превоз речиси и да не функционира, а градоначалникот на Прага Игор Немец изјави дека состојбата и натаму се влошува. Катастрофалните поплави, незабележани во последните сто години, што ги предизвикува реката Влтава и нејзините притоки од Јужна и Западна Чешка се шират и кон северните делови на земјата. Регионалниот центар на северно-чешката област Усти над Лабем прогласи вонредна состојба. Иако дождовите престануваат, во јужните и западните делови на Чешка состојбата и натаму е критична. Под вода и без струја се градовите Чешке Будојовице, Писек, Стракоњице и Плзењ. Над 200 илјади граѓани се принудени да ги напуштат своите домови, што е најголема евакуација во Чешка од Втората Светска Војна. Досега 9 луѓе загинаа, а неколкумина се изчезнати. Материјалните штети досега се проценуваат на околу 2 милијарди долари, а Министерот за внатрешни работи Станислав Грос изјави дека Европската комисија и неколку европски држави понудиле помош за санирање на последиците од катастрофата.

Досега помош се најавува од повеќе земји. Има сигнали од скандинавските земји, од Франција, Белгија понуди воени спасувачки екипи, но досега ништо не е реализирано. Се надевам дека ќе стигнат навреме.

И други делови на Централна и Источна Европа, исто така се соочени со катастрофални поплави. Во Германија се поплавени регионите околу реката Елба, а многумина граѓани на Дрезден се евакуирани. Поплавени се неколку градови во Австрија поради излевањето на Дунав, кој му се заканува и на главниот град на Словачка - Братислава. Во големото невреме во Романија во текот на изминатата ноќ загинале две лица.
XS
SM
MD
LG