Достапни линкови

Ќе се бара појаснување од Ирак


Последната дискусија на амбасадорите на земјите членки Советот за безбедност на обединетите Нации и генералниот секретар Кофи Анан резултираше со најавата за дополнително појаснување што ќе биде побарано од Ирак дали последната покана до шефот на инспекторскиот тим за разоружување Ханс Бликс навистина отвора можност за враќање на инспекторите.

Се работи ли навистина за промена на ирачкиот став околу присуството на инспекторите на Обединетите Нации – беше клучното прашање што генералниот секретар Кофи Анан и амбасадорите на земјите членки на Советот за безбедност го разгледуваа на синоќешната средба посветена на оваа тема.

„Мораме да провериме дали станува збор за вистински пресврт и промена на ставот. Интересно е што тие писмено ги поканија инспекторите. Тоа досега се нема случено.“

рече Анан пред состанокот на кој беше презентиран последниот допис од Багдад во кој се бара доаѓањето на шефот на инспекторите Ханс Бликс за да се резимира досега направеното. На состанокот освен скептицизмот на некои земји членки беше присутно уверувањето дека сепак треба да се направат напори за да се постигне договор за враќање на инспекторите, рече Анан по состанокот. Оттаму и најава за дополнително појаснување што ќе биде побарано од Багдад.

Во меѓувреме шефот на инспекторскиот тим Ханс Бликс процени дека и доколку обновата на мисијата навистина се случи за нејзина подготовка е потребно време. Тоа значи нема укинување на санкциите ниту годинава.

Истовремено ставот на Вашингтон не се менува. Американската администрација ја отфрли поканата што Багдад ја прати дури и до членовите на американскиот Конгрес да испратат експерти по свој избор за да проверат дека Ирак не се обидува да сокрие оружје за масовно уништување.
XS
SM
MD
LG