Достапни линкови

Македонија ќе добие 75 милиони евра


Македонскиот министер за економија Бесник Фетаи и заменик министерот за надворешни работи на Грција Андреас Ловердос денеска го потпишуваат договорот за користење на средствата во рамките на грчкиот план за економска реконструкција и развој на Југоисточна Европа.

Со овој договор Македонија треба да добие 75 милиони евра од страна на грчката влада со што е на второ место по износот на средствата што ќе ги добие. Најмногу средства доби Југославија, а најголемиот дел од нив се насочени кон изградба на автопатот од Ниш до границата со Македонија.

Според министерот Фетаи поголемиот дел од средствата што Република Македонија ќе ги добие наменети се за инфраструктурни објекти што се од заеднички интерес за двете земји:

„Од нивна страна беше одредено 80% да се финансира јавниот сектор, тоа значи инфраструктурата, а 10% да се лоцираат за продуктивни инвестиции во земјата на мали и средни претпријатија. Прв проект е далноводот од Република Македонија до Република Грција, Битола - Меџитлија што ќе чини 1.5 милиони евра, потоа Дојранското Езеро. Ова се проекти што се доставени.“

Потешкиот дел од договор допрва претстои изјави грчкиот заменик министер за надворешни работи Андреас Ловердос:

„Велат дека странскиот фактор е веќе заморен од ситуацијата на Балканот и заминува од Балканот, но Грција не е заморена затоа што припаѓа на Балканот. Со капиталот од грчките граѓани, Грција има намера да си помогне самата себе си и да придонесе за развој на самиот регион.“

Средтва од грчкиот план доби и Босна и Херцеговина, а слични договори треба да потпишат и Бугарија, Албанија и Романија.
XS
SM
MD
LG