Достапни линкови

Нема потреба од проширување на мандатот на НАТО


Владата на РМ смета дека нема потреба од проширување на мандатот на војниците на НАТО во земјава за време на претстојните парламентарни избори.

„Нема потреба од тоа. Не сме ни размислувале за таква потреба. Од една страна сме малку и зачудени зошто има потреба од НАТО лисици во една Гевгелија и во Крива Паланка за поддршка на мониторите кои ќе бидат на изборите.“

изјави премиерот Љубчо Георгиевски, додавајќи дека сеуште нема писмо со официјално барање за такво нешто

„Кога ќе го добиеме писмото, веројатно и официјално ќе се заблагодариме за оваа понуда.“

Можноста да нема дополнителни сили на Алијансата што ќе ги обезбедуваат набљудувачите на ОБСЕ деновиве ја најави и амбасадорот на НАТО Николас Бигман, кој рече дека Македонија е сигурна земја во сигурни раце на безбедносните сили.

„НАТО нема да се ангажира ништо повеќе од ова што го прави во моментов, односно и нашите сили кои веќе се наоѓаат тука се доволни за обезбедување на сигурноста на мониторите на ОБСЕ. НАТО е веќе на теренот и ќе остане таму за време на изборите,“

истакна Бигман, оставајќи простор за ангажирање на дополнителен број војници доколку тоа го побараат македонските власти.

Тогаш, според дипломатски извори, нивниот број би бил околу 40 и тие би дошле од контингентот на НАТО на Косово. Ставот на ОБСЕ, организација чија задача ќе биде набљудување на изборниот процес е:

„Примарна улога за безбедност на посматрачите има полицијата и МВР. Ние имаме доверба во нив, а тие имаат предвид дека во одредени ситуации можат да сметаат на помошта од НАТО.“

изјави шефот на мисијата на ОБСЕ во Македонија Крег Џенес.

Во врска со бројот на набљудувачите на изборите, пак, премиерот Георгиевски, вели:

„Ние сме заинтересирани за што повеќе монитори. Значи, не само 750, подготвени сме и 2,500 монитори да примиме во Македонија, меѓутоа тие да бидат цивилни монитори.“
XS
SM
MD
LG