Достапни линкови

Расформирање на паравоените групи и фер избори


Шефовите на дипломатиите на Европската Унија на состанокот во Брисел, во рамките на расправата посветена на Балканот, за што свој извештај поднесе и високиот претставник Хавиер Солана побараа од Македонија расформирање на сите паравоени и нерегуларни групи и одржување фер и демократски избори. Во заклучоците на министерскиот совет се поддржува набљудувачката мисија на ОБСЕ чиј што прв тим од 17 долгорочни набљудувачи од денеска е во Скопје.

Главната порака што шефовите на дипломатиите на 15 земји членки на Европската Унија ја упатија до земјите од Балканот е очекувањето за забрзување на враќањето на бегалците. Во таа смисла е упатена остра осуда до сите што го попречуваат тоа. Правото за враќање во домовите напуштени поради конфликти е клучно право на човекот – заклучија министрите.

Во својот извештај високиот претставник на Унијата Хавиер Солана ја нагласи важноста од регионалната соработка на Балканот. Во таа смисла министрите ја поздравија неодамна одржаната средба на претседателите на Југославија, Хрватска и Босна во Сараево нагласувајќи дека јакнењето на регионалната соработка, со почитување на суверенитетот на државите и во согласност со Резолуциите на Советот за безбедност ќе придонесе за воспоставување потесни односи на земјите со Европската Унија .

Министерскиот совет го поздрави и напредокот во подготвувањето на Уставната Повелба на државната заедница Србија и Црна Гора потсетувајќи ги Белград и Подгорица за преземената обврска да ја завршат спогобата до крајот на месецов, како и да работат на усвојувањето на акциониот план за изедначување на пазарите на двете републики. Оваа порака во Белград во четврток на југословенското раководство ќе им ја достави европскиот претставник Солана.

Последната седница на европскиот министерски совет пред годишните одмори беше посветена и на спорот меѓу Унијата и Соединетите Држави околу увозот на челикот. Министрите го одложија до септември најавеното подигање санкции против Америка поради зголемените такси за увоз на челик што таа ги наметна. На состанокот е проширена и црната листа на луѓе на кои им е забранет влез во европските земји поради соработка со председателот на Зимбабве Роберт Мугабе. Станува збор за 52 водечки личности на политичката елита на Зимбабве, меѓу кои е и сопругата претседателот Мугабе.
XS
SM
MD
LG