Достапни линкови

Амбасадорот на НАТО Николас Бигман. Блокадите кај Желино не беа спонтани


Амабасадоре често се вели дека во Македонија има многу оружје. Има ли причина да се очекува употреба на оружјето во политички цели?

Знаете, ако имате оружје можете да го употребите или да не го употребите. Можете да го употребите од лични причини, политички или криминални. Сево ова било правено и порано, вклучително и употребата на оружјето во политички цели. Така што ние немаме некоја посебна причина да веруваме дека оружјето ќе биде користено, но не можеме да го исклучиме тоа. Ова е причина за меѓународната заедница, вклучувајќи го и НАТО да бидат мошне претпазливи за време на предизборието.

Зошто во сите пораки на меѓународните претставници за потребата од фер и демократски избори се додава очекувањето дека нема да има заплашување на гласачите.

Велиме така, се разбира, затоа што е многу важно да нема какво и да е заплашување и изборите да можат да бидат слободни и фер. Тоа го велиме постојано. Се разбира, можеби нема да има обиди за какво и да е заплашување или притисок, всушност ние се надеваме дека така ќе биде и оти ова стравување ќе помине како што поминаа тнр. пролетна офанзива, потоа летна офанзива, што се разбира никогаш не се случија. Но сепак, ова се има случувано порано и меѓународната заедница ќе ја набљудува оваа можна појава мошне внимателно. Ние се надеваме дека нашето набљудување воедно ќе биде и фактор што ќе го одврати заплашувањето на луѓето.

Мислите ли дека блокадата на автопатот во понеделникот кај Желино беше спонтана акција во поддршка на семејствата на киднапираните?

Не, не мислам така. Не мислам дека имаше воопшто нешто спонтано во врска со таа блокада на патиштата. Таа беше очиглено многу добро подготвена, и на неа имаше многу вооружени луѓе .Членовите на семејствата на киднапираните или не беа таму или одвај да беа таму воопшто. Се разбира тие мораа да бидат во Скопје за да го добијат извештајот на комисијата на амбасадорот Волунд. Видовме дека овие блокади беа поставени пред објавувањето на извештајот . Така што секако тие не беа спонтани.

Сепак основен повод за ова е судбината на 20-те цивили исчезнати или киднапирани за време на конфликтот. Како НАТО може да помогне и воопшто што се следните чекори за решавање на овој случај?

Случајот на исчезнатите и киднапираните е мошне важен хуманитарен проблем што мора да биде решен, но целата работа на воените злосторства е сега во рацете на Хашкиот трибунал. Тие ги преземаат сите случаи поврзани со воени злосторства. Така што на нив е сега да одат и сериозно да извршат истрага за овие случаи. Тие се преземени од Хаг, тие ќе вршат истрага и навистина се надеваме дека тие ќе дојдат до суштината на сево ова. Тие имаат право на истрага каква немаше комисијата на амбасадорот Волунд . Тој мораше да се потпре на добрата волја на двете страни, министерството за внатрешни и поранешната ОНА, а ниту една од нив немаше волја да одговори на многу прашања што ги постави комисијата. Мислам дека кога ќе започне истрагата на Хашкиот трибунал на теренот тогаш ќе ги најдеме и одговорите за исчезнатите и киднапираните луѓе.
XS
SM
MD
LG