Достапни линкови

Утврдување на следните чекори во случајот исчезнати


Што ќе бидат следните чекори во врска со случајот на исчезнатите цивили и постои ли можност меѓународната заедница да помогне во решавањето на случајот е основната тема на денешниот состанок свикан на барање на претседателот Трајковски на кој присуствуваа премиерот Георгиевски и амбасадорите на НАТО, ОБСЕ и ЕУ.

Ова доаѓа откако беше објавен извештајот на меѓународната комисија за исчезнатите и по драматичните случувања во Желино кои за среќа не излегоа од контрола.

„Не расправавме многу за инцидентот кај Желино. Сметаме дека блокадите не требаше да бидат таму без оглед кј ги поставил. Има различни начини на кои може да се изразат емоциите. Демократски начини, а тоа не се блокадите на автопатот,“ – рече амбасадорот на НАТО Дигман откако сите учесници на состанокот дале оценка дека генерално безбедносната ситуација во земјава се подобрува.

Што се однесува до последниот извештај на комисијата за киднапирани од меѓународните претставници било побарано да го засилат притисокот врз албанската страна за истрагата по исчезнатите конечно да резултира со изнаоѓање на вистината. Изразено е незадоволство што во извештајот не се посочени конкретни лица за нивно исчезнување.

Амбасадорите на состанокот го повториле ставот дека случајот на киднапираните не смее да се користи во политички цели. Но, истовремено дека обидите за негово решавање мора да продолжат.

„Сите знаеме дека мора да има натамошна акција за да се изврши притисок врз сите луѓе кои имаат информации,“ – рече европратеникот Лероа.

Претставниците на меѓународната заедница изразија подготвеност да помогнат во расветлувањето на случајот, но тој според нивно мислење е првенствено во надлежност на македонските институции.

„Јавниот обвинител треба да контактира со хашкиот трибунал за да се констатира кој случај е во надлежнос на трибуналот, а кој во надлежност на јавниот обвинител.“
XS
SM
MD
LG