Достапни линкови

Изборите и официјално на 15-ти септември


И покрај најавите дека решението за распишување на изборите ќе го потпише на 7-ми јули, неочекувано претседателот на собранието Стојан Андов тоа го стори денеска.

„Според ова решение, изборите ќе се одржат на 15-ти септември 2002 година,“ – рече Андов.

Тој упати и писма до СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ПДП и ДПА, да предложат по двајца членови и нивни заменици за составот на ДИК со што ќе се комплетира највисокиот изборен орган.

Тој за утре најави собраниска седница на која пратениците треба да и „дадат виза“ на ДИК по што ќе следи формирањето на останатите органи.

„ДИК мора да изврши огромни задачи во кратко време. Како што знаете 50 дена пред денот на изборите треба да бидат формирани и државни изборни органи, а ДИК треба да ги изврши и сите подготвителни работи со кои изборите ќе бидат одржани на 15-ти септември. “ – рече Андов.

Според Андов изборите треба да бидат:

„Завршен чин на кризата во Македонија и почетна основа за нов развој на земјата и сеопшт просперитет.“

Меѓудругото, претседателот на Собранието им предложи на учесниците на изборите да потпишат декларација која ќе ги содржи нивните морални и политички обврски и дека тие се залагаат за одржување на фер и демократски избори.
XS
SM
MD
LG