Достапни линкови

САД се закануваат со вето на мисијата во Босна


Соединетите Американски Држави се заканија дека ќе стават вето на продолжувањето на мандатот на мисијата на Обединетите нации во Босна, доколку Советот за безбедност не го прифати нивното барање припадниците на мировните сили да бидат исклучени од надлежноста на новиот постојан Меѓународен суд за воени злосторства.

„Ако не биде решено ова прашање, ветото сигурно претставува опција“ - изјави во Њујорк американскиот амбасадор во Светската Организација Џон Негропонте.

Објаснувајќи за што се работи портпаролот на Белата Куќа Ари Флејчер изјави:

„Американските сили во мировните мисии уживаат имунитет во земјите каде што се ангажирани. Ние сакаме да обезбедиме нивен имунитет и од надлежностите на Меѓународниот суд.“

Станува збор за суд во кој ќе им се суди на сите обвинети за геноцид, кршење на човековите права и воени злосторства направени насекаде во светот. Спогодбата за негово формирање ја ратификуваа шеесет и девет земји, меѓу нив и шест членки на Советот за безбедност, додека американскиот претседател Џорџ Буш ја отфрли иако Соединетите Држави ја имаа потпишано за време на неговиот претходник Бил Клинтон. Вашингтон смета дека во Меѓународниот суд, би можело да дојде до политички мотивирани процеси против американските претставници, вклучени во мировните мисии во светот. Соединетите Држави се заканија и дека ќе се повлечат од сите мировни мисии доколку на американските припадници на мировните сили не им биде гарантиран имунитет. Инаку, мандатот на мисијата на Обединетите нации во Босна истекува в недела на полноќ во исто време кога и официјално започнува работата на Постојаниот Меѓународен суд.
XS
SM
MD
LG