Достапни линкови

Марк Лејти, советник на генералниот секретар на НАТО. Направивте огромен напредок за кусо време


Господине Лејти со која порака генералниот секретар на НАТО Џорџ Робертсон доаѓа во Македонија?

Мислам дека неговата главна порака ќе биде дека направиввте огромен напредок во многу кусо време, но сега е потребно да продолжите да работите на тоа да не се откажувате, да останете смирени и да ги искористите предностите од договорот што е постигнат што навистина го отвора патот за напред. Ако ја погледнете ситуацијата од минатото лето кога бевте на работ на граѓанската војна, сега имате добар договор кој ви овозможува се што ви е потребно за стабилна иднина. Она што треба сега да го направите е тој да профункционира, затоа мислам дека е направен голем напредок.

Како ја оценувате предизборната политичка сцена во Македонија?

Она што го гледам е демократија на дело. Многу политичари даваат изјави, говорат за иднината што и е нивна работа. Она што сега ни треба е тие да говорат за иднината, а не да го актуелизираат минатото. Исто така очигледно е дека луѓето се задовлни што ги гледаат поранешните членови на ОНА како го положија оружјето, говорат за политика и не се борат.

Но, сепак работите се далеку од смирени?

Мислам дека е важно за луѓе однадвор како што сум јас или за НАТО како организација да не се вмепаат во дневните случувања во политиката. Ние секогаш бевме многу претпазливи кога станува збор за нашите односи со владата, а мешањето во локалната политика не е начин. Се што правиме е говориме дека охридскиот договор треба да биде основа за предизборната политика.

НАТО како и севкупната меѓународна заедница инсистира на перспективата за одржување фер и слободни избори. Какви се проценките во Брисел околу ова?

Датумот на изборите е фиксиран. Знам дека уште некои детали треба да се завршат. Но, се покажува дека луѓето се решени да го почитуваат назначениот датум. Освен тоа знаеме дека ОБСЕ и другите набљудувачи ќе дојдат во голема бројка. Постои голема решителност кај меѓународната заедница да помогне во изборите, да ги набљудува, така што луѓето ќе можат да бидат ослободени од стравувањето и се прашувам зошто изборите не би биле фер и демократски. Мислам дека треба да се биде оптимист, впрочем работите не се случуваат сами од себе вие треба да направите да се случат.
XS
SM
MD
LG