Достапни линкови

Концерт на Сесарија Евора


Поубаво затворање на Фестивалот чии претензии се да стане традиционален и не можеше да се замисли. Љубителите на убавата музика, вечерва во 21 часот на сцената во Универзалната сала во Скопје, ја очекуваат големата, велат ненадминатата Сесарија Евора, едно од најпознатите и најкомерцијалните имиња на т.н. "светска музика", босоногата легенда која на своите концертни настапи носи толку многу топлина и емоции.

Родена на Зеленортските острови, таа е позата како најзначајната изведуважка на традиционалниот стил "морна", кој силно асоцира на островите и комбинира западноафрикански ритмови со португалски гитарски мелодии, бразилски призвуци и британски морнарски напеви. Евора почнала да пее "морна" на 16 годишна возраст, и набргу настапувала насекаде низ својата земја , за во шеесеттите години дел од нејзините снимки правени за потребите на локалното радио да бидат објавени како албуми во Холандија и Португалија. Сепак, Евора наспроти постигнатиот успех не заминала од родната земја, туку дури во еден момент , во средината на седумдесеттите од минатиот век, престанала да пее поради тоа што не можела да живее од музиката.

Сепак, во 1985 година, на својата 45-годишна возраст, му се вратила на пеењето и заминала за Португалија за да сними две песни за Антологијата на пејачките од Зелено'ртските острови. И кога веќе се одлучила на тој чекор, следува преселбата во Франција, каде во Париз, во периодот од 1988 до 1992 објавува четири албумски изданија, со кои најнапред Европа, а потем и светот ја бележат како едно од најдобрите пејачки имиња кои се појавиле во почетокот на деведесеттите.

Нејзината интернационална слава расне, а Евора одржува концерти во Европа, Африка, Јужна Америка и во САД. Успехот е потрвден со албумите Кабо верде од 1997, Мар Азур и Кафе Атлантико од 1999, минатата година го објави одличниот Сао Виценте Ди Лонге, на кој и гостуваат големите Каетано Велосо, Бони Рајт, Оркестар Арагон и Чучо Валдез.

Во Македонија и воопшто во државите од поранешна Југославија, Евора е најпозната по соработката со Горан Бреговиќ. Таа ја отпеа прекрасната филмска тема „Аусенсија", која ги надмина рамките за кои беше правена и стана голем светски хит.

Моментално од обете страни на Атлантикот е актуелна со компилацијата на која се забележани најголемите хитови кои ги отпеала Сесарија, а во овој месец ги одработува концертите од планираната турнеја по Европа.
Кон ова, треба ли да се додаде дека влезните билети наспроти високата цена од 900 денари и за овој концерт, впрочем како и за оној на Дејвид Брн, се веќе распродадени пред неколку дена, а во градов владее незапаметено интересирање.
XS
SM
MD
LG