Достапни линкови

Фудбалот ја одложи седницата на собранието, законите останаа неизгласани


По интензивна потрага по потребното двотретинско присуство на пратениците и продолжената пауза заради фудбалски натпревар, собранието попладнево не успеа сеуште да го изгласа целиот пакет охридски закони.

Собранието го усвои законот за изборни единици, како и измените на законите за државни службеници, службен весник и за попис.. За утрешното продолжение на собраниската седница на пратениците им останува да ги усвојат уште законите за кривична, парнична, управна постапка, за управни спорови и за организација на органите на државната управа, по кои е завршена распаравата. Станува збор за законите што произлегуваат од рамковниот договор. Со нив се воведува нова изборна регулатива, употребата на албанскиот јазик и пропорционалната застапеност на заедниците во органите на државната управа.

Според најавите од пратеничките групи на утрешнхата седница се очекува да финишира процесот на усвојување на законите кои како обврска произлегуваат од охридскиот договор. Со ова се отвора простор за подготовка на претстојните парламентарни избори.

„Се приближува денот Д кога треба да се случат изборите па и оттука треба да рефлектираме една позитивна енергија во однос на создавање на една порелаксирана атмосфера за фер и демократски избори во Македонија,“ - вели Демуш Басјраљми од ДПА, а Андулади Вејсели вели: „Мислам дека ќе бидат конструктивни сите политички партии за да се усвојат законите и да може да се подготвиме за распуштање на собранието и да одиме на избори на 15-ти септември.“

Како задолжение на овој состав на парламентот кое произлегува од рамковниот договор останува уште собранискиот деловник. Иако се очекуваше дека надлежната комисија за деловнички и мандатно имунитетни прашања денеска ќе ја заврши работата поради несогласување околу употребата на албанскиот јазик се очекува уште една комисиска расправа во петок.
XS
SM
MD
LG