Достапни линкови

Оставка на Богоевски, за Груевски допрва ќе се одлучува


Богоевски по оставката - дали ВМРО ДПМНЕ и натаму ќе го штити Груевски
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:36 0:00

Богоевски по оставката - дали ВМРО ДПМНЕ и натаму ќе го штити Груевски

На денешната седница на собраниската комисија за мандатно-имунитетни прашања Павле Богоевски поднесе оставка од пратеничката функција. Оставката, како што рече, ја поднесува од морални и етички причини

Претседателот на Собраниската комисија за мандатно-имунитетни прашања Павле Богоевски поднесе оставка од пратеничката функција. „Гласот за одземање на мандатот на пратеникот Никола Груевски, ќе биде мојот последен глас како пратеник“, рече Богоевски на денешната седница на комисијата, на чиј дневен ред требаше да биде одземање на мандатот на Груевски, кој по бегството во Унгарија, повеќе од шест месеци не присуствува на собраниските седници. Богоевски призна дека со набавката на масло од канабис сторил незаконски акт и ги повика органите на прогонот целосно да го истражат настанот за неговата одговорност и тие што противправно снимале.

„Гласот на јавноста беше повеќе од очигледен. Не може пратеник кој се борел за правда и еднаквост на правото да ги крши законите. Не може. Затоа ќе поставам пример кој се надевам сите ќе го следат, каде што етиката и моралот ќе бидат над желбата за функцијата. И како што неколку пријатели на фејсбук напишаа ќе си ја гушнам одговорноста и ќе си ги понесам последиците, моралните и етичките, но и правосудните, никогаш, никогаш не сум бегал од нив“, рече Богоевски.

На пратениците од ВМРО-ДПМНЕ им порача дека го направиле посилен и од нив побара да размислат дали тој ќе биде повеќе или помалку политички опасен кога ќе биде надвор од собранието?

„Од овој момент натаму, повеќе не е прашањето дали Павле Богоевски има легитимитет да ја води комисијата која ќе му го одземе мандатот на Никола Груевски, ниту пак дали Павле Богоевски треба да продолжи да биде пратеник. Сега е прашањето дали пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ќе покажат барем трошка од етиката и моралот со којшто така дрско се расфрлаа овие две недели и дали ќе го заштитат криминалецот во бегство Никола Груевски или ќе му го одземат мандатот? Бидејќи да не се лажеме, ако во Собранието нема место за лице кој прекршил закон за да купи масло за свое блиско лице, сигурно нема место за пратеник кој парите од граѓаните ги користи за да плати хотел додека е во бегство од македонската правда?“, праша Богоевски.

На почетокот од комисијата, пратеничката Невенка Стаменковска од ВМРО-ДПМНЕ побара дополнување на дневниот ред со нова точка за утврдување на одговорност на Павле Богоевски за кршење на етичкиот кодекс за однесување на пратениците.

Реакција по оставката стигна и од нејзината матична партија.

„Граѓаните немаат потреба од лажно продавање на морал од луѓе како Павле Богоевски кој што во низа од неколку месеци вршел кривично дело и ја извршуваше пратеничката функција! Оставката не е и не може да биде оправдување и амнестирање од направениот криминал. Павле Богоевски мора да сноси кривична одговорност за трговија на нарко-пазарот“, се вели во соопштението од ВМР0-ДПМНЕ.

Реагираа од ДУИ. Артан Груби, ја поздрави одлуката на неговиот колега Павле Богоевски да поднесе оставка.

„Изразувам жалење за состојбата на блискиот член на семејството и му посакувам брзо оздравување – рече Груби и му посака успех на Богоевски за во иднина.

И премиерот Зоран Заев ја поздрави одлуката на Богоевски истакнувајќи дека е храбра и во функција на понесување одговорност за етички работи за кои граѓаните очекуваат политичарите да повлечат чекор во таа насока.

„Многу е важно секој од функционерите каква одговорност носи во делот на неговото извршување на обврските пред граѓаните, пред институцијата и државата. Секогаш кога одреден дел од неговиот приватен живот нема влијание врз извршувањето на работите, сметам дека е добро и тоа го искоментирав. Но, тоа е негово право на лична и морална одлука и јас ја поздравувам оставката“, рече Заев во одговор на новинарско прашање.

Тој посочи дека Богоевски е одличен пратеник и еден од симболите на Шарената револуција, поради што како што додаде, ќе му биде задоволство да продолжи да работи со таков човек и во иднина.

Инаку оставката ќе стапи во сила по гласањето на пленарна седница за одземање на пратеничкиот мандат на шест месеци неоправдано отсутниот Никола Груевски. За одземање на мандат на пратеник потребно е двотретинско мнозинство, односно треба да гласаат 80 пратеници.

Неизвесно ќе биде однесувањето на независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, односно оние кои беа исклучени од партијата откако гласаа за уставните измени поврзани со Преспанскиот договор. Неодамна од таму изјавија дека не разговарале на таа тема и сè уште немаат став како ќе гласаат.

Собранието и на почетокот на ноември минатата година се обиде да му го одземе мандатот на Груевски, тогаш поради недостојност за вршење на пратеничката функција откако беше осуден на две години затвор во случајот „Тенк“, но немаше двотретинско мнозинство. За одземање на мандатот на Груевски тогаш гласаа 58 пратеници од потребните 80. Груевски потоа избега во Унгарија, каде што доби политички азил, а Собранието одлучи да не го води како оправдано отсутен и му ја намали пратеничката плата за 5 отсто.

По бегството на Груевски во ноември минатата година, Обвинителството најави истрага, но јавноста остана покуса за информации како избегал и дали некој од земјава му помагал во бегството.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG