Достапни линкови

Многу ризици за малку пари


Фризерите, козметичарите, трговците подготвени за работа
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:25 0:00

Фризерите, козметичарите, трговците подготвени за работа

Малите бизниси кои изминатиот период беа затворени или работеа со скратено работно време сега постепено се подготвуваат за враќање на старо. Дел од нив велат дека се свесни за ризиците со кои се соочуваат, но дека немаат поинаков избор и друго средство за егзистенција.

Стивнувањето на пандемијата со коронавирусот и најавите за попуштање на мерките за спречување на ширењето на овој вирус, полека но сигурно ги подотвора вратите на фризерско-козметичките салони. Уште само неколку дена, жените ќе може да ја направат саканата фризура или козметички третман за кој долго, но стрпливо чекаа.

Вработените во фризерските и козметичките салони сега задолжително носат заштитна маска на лицето, иако повеќето козметичарки и порано ги користеа при третман на пациенти. Но, за разлика од порано, сега во салонот може да има само еден муштерија. Се работи исклучиво со закажување, а пред и после секој муштерија, салонот и опремата која се користела се дезинфицира.

„Мора да се дезинфицираат четките затоа што не знаеме кој што носи поради тоа што јасно ни е дека има голема пандемија во целиот свет. Се работи само со закажување во одреден период да влегува само по еден клиент, тој се задржува 30-45 минути и после влегува следен. Во меѓувреме се дезинфицира столчето, алатот со кој се работи, рацете при излегување од салонот“, вели Емилија Ивковска, сопственичка на фризерско-козметички салон.

Ивковска вели дека последните два месеца биле тешки за нејзината фела. Загуби веќе евидентирале, но за покачување на цените на своите услуги сега засега не размислуваат. За нив вели, Ивковска најважно е само да се почне со работа и колку толку да се заработи.

„Секако дека има многу загуби, и во поглед на муштериите, но не планираме да ги покачиме цените бидејќи многу луѓе изгубија работа, многу имаат нередовни примања, но ако ги покачиме цените ќе ги изгубиме редовните клиенти и затоа ќе се воздржиме од натамошната заработувачка, се со цел да ги задржиме нашите клиенти“, вели Ивковска.

Работењето во услови на пандемија си носи свои ризици, вели Беќир Риза, сопственик на тобако во строгиот центар на градот. Клуч на своето дуќанче Риза не ставил во изминатите два месеца, но работел со скратено работно време и го почитувал полицискиот час. Риза не крие дека секојдневното доаѓање на работа носи свои ризици, дека се плаши од тоа кој влегува во дуќанот, но дека нема друг избор и друго средство за егзистенција.

„Нормално дека стравуваме и да не ни пренесат и ние да не им пренесеме. Користиме маски, гелови за дезинфекција, користиме во дуќанот. Од муштериите бараме да си ги стават маските пред да влезат и да си го задржат редот, да држат дистанца. Ако има некој внатре, другите чекаат надвор, но малку народ има. Прометот е многу опаднат. Работиме со заработка од 5-10 проценти,“ раскажува Беќир Риза.

Меѓу бизнисите кои останаа отворени за цело ова време се и пекарите. Угостителските објекти ги затворија непосредно по појавата на вирусот во нашата земја, но пекарите останаа да работат со намален број вработени и под посебни услови. Работничка во една од пекарите во градот вели дека постојано се дезинфицираат кујните каде што се прави храната, секој работник задолжително носи ракавици и маска, а правилото важи и за секој муштерија.

Дел од нив се пожалија дека прометот опаднал и дека луѓето се малку поплашливи и попретпазливи кога треба да купуваат храна од надвор.

Но има и такви кои и покрај пандемијата навиките да купат доручек од најблиската пекара не ги промениле, а задоволни се и од услугата која ја добиваат. Таков пример е Севди Саитовски од Скопје.

„Треба да почитуваме се што ни кажуваат од Владата. Со маски, со средства за дезинфекција. Како што е истакнато на излогот од продавницата, еден по еден влегуваме, си чекаме ред. Кога влегуваш внатре треба да се придржуваш на меркитеза спречување на пандемијата“, вели Саитовски.

Во меѓувреме нашите соговорници, како и сите други граѓани, чекаат состојбата што побрзо да се стабилизира и да се вратиме во нормалниот тек на живот, па дури и ако тоа значи задолжително носење заштитни маски и држење дистанца до 2 метри на подолг период.

Во светот до сега има околу четири милиони и 200 илјади заболени, а речиси 290 000 починати од вирусот кој почна да се шири минатата година во декември од кинескиот град Вухан.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG