Достапни линкови

Закон за опојни дроги под итно, бараат производители на канабис


илустрација
илустрација

Поради големите залихи на сув цвет од канабис кој во моментот не може да се извезува, од здружението „Макканабис“ бараат итно донесување на законот за опојни дроги и психотропни супстанции. Тој беше повлечен од собраниска процедура по реакциите на опозицијата дека се носи за лични интереси на семејството на премиерот Зоран Заев и негови блиски луѓе.

Иако во моментот, законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции е повлечен од собраниската агенда и вратен на доработка во министерството за здравство, реакциите поврзани со новите законски измени не стивнуваат. Ако до пред неколку дена дел од јавноста реагираше на обидот овој закон да се усвои по скратена постапка, денеска пак производителите на канабис се собраа пред Владата и од неа побараа да предложи законско решение кое ќе се овозможи извоз на сув цвет од канабис и истото да се усвои во рок од седум дена. Причината велат од таму е тоа што во моментот има големи залихи на цвет, а доколку истите не се извезат, ќе предизвикаат големи загуби на фирмите производители.

„Таа роба не може да чека, таа мора да се екстрахира. Тоа е органско добро, цветот не може да чека. Секојдневно ние губиме се повеќе и повеќе, ако ни стои во магацинот и ни стои во залиха. Затоа го бараме ова“, вели претседателот на здружението Макканабис“, Костадин Дуковски.

На производителите на медицински канабис им гори под нозе
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:04 0:00

Од здружението најавуваат протести на лиценцираните фирми доколку не се донесе законот во најскоро време. Претходно посочија и на други забелешки во однос на предложеното законско решение. Дел од забелешките сe: да не се бара банкарската гаранција од милион евра, одгледувачите да не се обврзуваат да уплатат 10 отсто од годишната добивка на посебна сметка, фирмата да нема обврска да вработи минимум 15 лица, да се изготви посебен закон за канабис.

Инаку со измените и дополнувањата на Законот за контрола на опојни дроги ипсихотропни супстанции во 2016 година се уредуваат условите за одгледување на канабис за медицински цели од правни лица кои откако ќе ги исполнат условите по однос на простор, опрема и кадар,добиваат одобрение за одгледување на канабис за медицински цели, по претходна добиена согласност од Владата на Република Северна Македонија.

Со новиот предлог закон се овозможува извоз на сув цвет добиен со одгледување на канабисот за медицински цели така што на правните лица одгледувачи на канабисот им е овозможено веќе произведените количини на сув хербален производ како опојна дрога да ги пласираат на пазарите во Европа и пошироко при тоа почитувајќи ги меѓународните Конвенции и европското законодавство што ја рeгулира материјата.

Досега одобрение за одгледување на канабис за медицински цели по претходно добиена согласност од Владата имат добиено над 30 фирми, со тенденција тој број да се зголемува. Интересот за инвестирање во Република Северна Македонија за одгледување на канабис за медицински цели е поради поволната бизнис клима, како и ефтината работна сила на пазарот на трудот. Интересот е зголемен и поради рапидно зголемената цена на светската берза на маслото од канабис и сувиот цвет од растението канабис.

Предлог измените на Законот предвидуваат отворање на државна агенција за канабис, а производителите се надеваат дека тоа ќе помогне за забрзување на процедурите за извоз.

Во дел од компаниите кои произведуваат канабис, особено оние поголемите, има странски партнери. Поради недостигот на домашна експертиза, домашните компании бараат странски стратешки партнери, кои освен пазар може да им обезбедат и знаење за бизнисот.

Министерот за здравство Венко Филипче пред неколку месеци најави дека дел од парите за лиценца за производство на медицински канабис, која што ја доделува Министерството за здравство, ќе одат во буџетот за ретки болести. Тој за Ројтерс изјави дека медицинската марихуана може да биде голем придонес за домашната економија и дека проценките на владата се дека тој бизнис може да придонесе околу 100 милиони евра, односно околу 1 отсто од БДП-то на Македонија.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, во чие време беше донесен законот за легализација, критикува дека лиценците за производство ги добиваат членови на семејството на премиерот Зоран Заев и негови блиски луѓе. Од најголемата опозициска партија велат дека предложениот закон претставува директна злоупотреба на моќ од страна на премиерот и неговите најблиски.

„Станува збор за закон којшто се носи заради лукративните цели на семејството на премиерот. Се предлага закон со којшто корист ќе имаат три фирми за одгледување на марихуана кои се во сопственост или косопственост на семејството Заеви. Таков закон оди на сметка на нивниот бизнис не само да се извезува масло од канабис, туку и за да се извезува цвет од марихуана којашто не е обработена односно им стои во складишта и не можат да ја обработат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

По бројните реакции во јавноста и критиките од невладините организации, откако овој закон беше ставен во собраниска процедура со предзнакот европско знаменце, истиот пред една недела беше повлечен и пратен на доработка во ресорното министерство. Министерството веќе отпочнало разговори за да се усогласат законските решенија по прашањата за производство на лекови од канабис и добивање лиценца за негово одгледување, како и за ставање под контрола на нови видови дроги.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG