Достапни линкови

Ќе има ли нови пазарења и за законот за новото обвинителство?


Архивска фотографија- собраниска седница

Неделава предлог законот за Јавно обвинителство во скратена постапка влегува во собраниска процедура. Дел од опозицијата најавува амандмани, ВМРО-ДПМНЕ се уште го разгледува, но, и не се откажува од идејата да достават и свој закон.

Со неизвесност и големи непознаници за ставот на пратениците од различните опции, Предлог законот за јавно обвинителство неделава влегува во Собранието. Очекувањата се дека Владата на седницата во вторник ќе го усвои предлог законот, по што Министерството за правда, како предлагач, ќе го прати во Собранието.

Од правда велат дека очекуваат своите ставови пратениците да ги кажат во Собранието, а ако имаат забелешки и да поднесат амандмани.

„Градењето двотретинско мнозинство ќе биде во Собранието”, велат од Министерството за правда.

Тоа, пак, засега е крајно неизвесно. Владејачкото мнозинство може да го изгласа законот и без поддршка од 35-те пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, но за да стигне до потребното мнозинство од 80 гласа, неопходни се гласовите од осумтемина од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и од Алијансата за Албанците и Беса.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски за РСЕ вели дека тие не се откажуваат од идејата да подготват свој закон за јавно обвинителство кој тие ќе го предложеле пред пратениците.

„Како сериозна партија која што мисли за добробит на државата и нејзиниот напредок ќе се седне ќе се разгледа и ова што се нуди, ако е тоа тоа што ќе помине и на влада и ќе биде испратено до Собранието, и ќе се заземе конкретен став што од тоа што се предлага е во согласност со оние стандарди што ги предложивме да бидат основа за еден ваков закон и што може да биде прифатливо или не”, вели Стоилковски.

Засега според она што го изјавува нивниот лидер Христијан Мицкоски најнеприфатлив е предлогот обвинителката Вилма Русковска да го води Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција.

За СДСМ ваквата позиција на ВМРО-ДПМНЕ е несфатлива.

„Предлогот обвинителката Вилма Русковска да го води новото Јавно обвинителство за организиран криминал не е одлука на политичарите.Русковска во моментов е прв човек на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција. Предлог токму на ВМРО-ДПМНЕ беше Специјалното јавно обвинителство да се интегрира во рамките на Јавното обвинителство и е беше прифатен”, рече портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов.

Зијадин Села од Алијансата за Албанците, пак, има и други забелешки за владиниот предлог освен Русковска. Вели дека ќе се обидат да интервенираат амандмански во три главни области- прислушуваните материјали да се користат како докази и во новото обвинителство што го наследува СЈО, во Советот на јавни обвинители да не смее да има партиски членови, поранешни државни функционери кои биле членови на партија и јавниот обвинител да биде експерт од странство.

„Законот кој се предлага има за цел да се амнестираат и да не се користат како материјални докази сите прислушувани разговори кои беа предмет на политичката криза. Ние како партија заинтересирана за вистински реформи сме во многу тешка ситуација. Не поддржувајќи го законот, амнестирани ќе останат корумпираните и оние што ја злоупотребиле службената положба,а гласајќи за ваков предлог закон ние пак ќе ги амнестираме сите бидејќи законот важи отсега па натаму”, вели Села.

Владата го пушти предлог законот за јавно обвинителство во процедура откако пропаднаа неколкумесечните преговори со работните групи од ВМРО-ДПМНЕ.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG