Достапни линкови

Јанева не оди на работа, Пендаровски инсистира СЈО да опстои


Индивидуалните постапки, евентуално спротивно на законот, не треба да ја деградираат, или да ја поништуваат целокупната работа на институцијата СЈО, вели претседателот Стево Пендаровски во интервју за РСЕ. Инаку, обвинителката Јанева денеска ги известила колегите од СЈО дека отворила боледување.

Неопходно е да се направи јасна дистинкција меѓу работата на обвинителите во СЈО кои ги водеа постапките и истрагата која ја води Јавното обвинителство за Рекет вели претседателот Стево Пендаровски во интервјуто за Радио Слободна Европа. Индивидуалните постапки, евентуално спротивно на законот, не треба да ја деградираат, или не дај боже, да ја поништуваат целокупната работа на институцијата СЈО како таква, вели Пендаровски.

Тој е разочаран од сето она што го слуша во последниве денови во врска со СЈО, но потенцира дека Специјалното јавно обвинителство како институција е важно за демократските процеси и евроатланските интеграции. Тој апелира до надлежните што е можно побрзо и потемелно да ја спроведат истрагата, како и да не обрнуваат внимание на евентуалните политички притисоци, затоа што процесирањето на предметот Рекет е битен и за СЈО и за демократските процеси кои и престојат на земјата.

„Една работа е работата на институцијата СЈО до овој момент и постапките кои ги воделе различни обвинители, не само Катица Јанева. Сосема друга работа е последниов случај за кој јас ургирам и од оваа позиција, како и да се сфати, до надлежните органи да ја процесираат што побрзо и што подлабоко за да не остави ни најмала дамка на работата на институцијата како таква. Да заклучам, СЈО беше и тоа како потребно во времето кога ги правевме демократските промени. СЈО во некаков облик, во некој дел од системот на редовно јавно обвинителство и тоа како е потребно и во наредниот период да ги процесира криминалите не само на оние што биле на власт, туку на нас што сме денеска на власт“ вели Пендаровски.

СЈО e една работа, а Рекет е друга
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:28 0:00

Тој вели дека институцијата СЈО е клучната институција која покрај Преспанскиот договор, ни ги отвори вратите на ЕУ и НАТО. Тоа ви го тврдам одговорно затоа што бев преговарач во однос на НАТО интеграциите и знам дека најголемите позитивни коментари за реформите беа на сметка на СЈО ,вели Пендаровски.

Заев вчера на прес конференција изјави дека кај него се обратиле бизнисмени кои не се од Скопје, а кои му се пожалиле дека биле уценувани, и дека тоа го пријавил кај надлежните.

Инаку специјалната јавна обвинителка Катица Јанева трет ден не се појавила на работа потврдија за Радио Слободна Европа од Специјалното јавно обвинителство. Оттаму велат дека денеска им пристигнало официјално известување дека Јанева отворила боледување во вторникот. Ваквото известување им пристигнало попладнево, откако голем дел на медиуми објавија информација дека Јанева трет ден не доаѓа на работа и при тоа не ги известила своите колеги за причините за нејзиното отсуство.

Јанева во понеделникот поднесе оставка која треба да стапи во сила штом се донесе нов закон со кој ќе се регулира статусот на Специјалното јавно обвинителство. Според досегашниот статус на обвинителството нејзиниот мандат истекува на 15 септември.Во меѓувреме додека Јанева е отсутна документите ги потпишуваат нејзините заменички Ленче Ристовска и Елизабета Јосифовска.

Нејзината оставка дојде во речиси истиот час кога нејзината колешка од Обвинителството за организиран криминал Вилма Русковска издаде наредба за приведување на Бојан Јовановски познат како Боки 13 и бизнисменот Зоран Милески со прекар Кичеец за изнуда на пари на осомничени во предметот на СЈО Империја и други бизнисмени.

А само еден месец претходно Јанева во речиси сите јавни настапи, децидно тврдеше дека нема да се повлече од функцијата и дека планира да се кандидира за уште еден мандат.

Опозицијата веднаш побара Јанева да биде притворена, при што сите случаи на СЈО ги прогласи за компромитирани и дел од криминален октопод.

Засега, како што вели Русковска, Јанева не е осомничена во истрагата „Рекет“, но додава дека осомничените се товарат дека тргувале со влијание на обвинител. Односно од она што како информации се појавува во медиумите е дека Јовановски и Милески барале пари од бизнисмен осомничен во предметот „Империја“ на СЈО, затоа што биле поврзани со обвинител и тврделе дека можат да влијаат да се запре постапката против него или да добие поповолен третман.

Русковска соопшти дека има видео и аудио докази за сега само за двајцата осомничени кои се теретат дека со уцена заработиле 1,5 милиони евра.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG