Достапни линкови

Штрајк против пензиските реформи во Франција, преговори од 7 јануари


Гужва во париското метро

Денеска почнува четвртата недела од штрајкот против пензиските реформи во Франција кои ги најави претседателот Емануел Макрон. Сообраќајот веќе 20 дена е во хаос, а во земјата има големи општествени поделби.

Денеска е 22 ден од штрајкот и засега нема решение на повидок, а преговорите на владата и синдикатите ќе продолжат дури на 7 јануари.

Владата е решена да ја спроведе реформата, која меѓу другото предвидува „универзален систем“ на исплата на пензиите, наместо сегашните 42 секторски режими. Синдикатите се противат и оценуваат дека на тој начин сите ќе бидат оштетени.

Железничкиот сообраќај е пореметен, сообраќаат само половина од брзите и една петина од приградските возови. Во Париз работат само две линии од метрото, додека другите се затворени или работат само „во шпицот“. Во Париз се одржа собир за поддршка на железничарите, а за сабота се најавени поголеми протести.

И покрај повиците на претседателот Макрон за „примирје“ за време на божиќните празници, ширум земјата има протести и блокади на патишта и рафинерии.

Незадоволството потсеќа на 1995 година кога граѓаните исто така протестираа поради пензиите, но тогаш пократко – од 24 ноември до 15 декември, кога тогашниот премиер Ален Жипе попушти под притисокот и се откажа од реформата на пензискиот систем и социјалното осигурување.

XS
SM
MD
LG