Достапни линкови

Хидроцентрали и рудници без јавна расправа!


Изведбени работи на Тресонечка река за хидро-електрана Тресонче во 2013 година. Извор „Фронт 21/42.“

Предлог Законот за урбанистичко планирање овозможува градби од државно значење во заштитени зони, велат активисти. Тие сметаат дека тоа е закана за природните подрачја и бараат надлежните да подготват соодветни измени.

Во новиот Предлог Закон за урбанистичко планирање кој е влезен во собраниска процедура, постои одредба со која хидроцентрали, рудници и слични објекти се дефинираат како градби од државно значење и со тоа, исто како и во претходниот закон, плановите за вакви проекти ќе минуваат брзо, без никакво учество на јавноста, реагираат активисти од граѓански организации.

„Токму затоа јавноста многу подоцна дознаваше дека во нивното село или во нивната општина ќе има рудник, хидроелектрана или таков вид на објект. Проблемот е што праксата на претходниот закон, кој овозможуваше непречено градење на ваков тип на градби, е продолжена и во овој закон“, вели Александра Бујароска од еколошката организацијата „Фронт 21/42.“

Бујароска, која учествуваше во дискусијата за законот која изминативе денови се одржа во собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија, објаснува дека нов современ закон за урбанистичко планирање е потребен за затворање на сите претходни правни недостатоци и можности за злоупотреба кои доведуваат до несоодветна урбанизација.

Но, според неа, со предложениот нов Закон за урбанистичко планирање останува можноста за „градби од државно значење“ во заштитени подрачја и оти новите измени се однесуваат на продолжување на праксата во случаите кога планирањето на вакви проекти во земјата повторно ќе биде без вклучување на мислењето на јавноста.

Активистите велат дека претходните одредби на законот овозможуваа спроведување на проекти и урбанизирање на просторот кое не е базирано на стручни познавања, туку повеќе за остварување на лични цели на инвеститори.

Давор Пехчевски од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“, истакнува дека главниот проблем во законот е исклучувањето на јавноста од учеството во носењето на генералните урбанистички планови и урбанистичките планови за подрачни градби од државно значење.

„Со оглед на тоа дека во урбанистички план за подрачни градби од државно значење се наведени инфраструктурни проекти како што се системи за минерална експлоатација, јавни патишта, шински инфраструктури и хидроенергетски системи, кои секако имаат огромно влијание врз животната средина, а многу често се пропратени со социјални влијанија и раселување на население, малку е нелогично овие планови да не вклучуваат учество на јавноста уште при нивната изработка“, вели Пехчевски.

Некои од учесниците во собраниската расправа рекоа дека не биле информирани, ниту поканети да учествуваат во создавањето на законот.

Претседателот на Асоцијацијата на архитекти Мартин Пановски рече дека е зачуден бидејќи на расправата не биле поканети деканите на архитектонските факултети во Скопје.

„За мене тоа е поразителен податок кој покажува дека како држава ние всушност немаме една сплотенсот што и во самиот закон може да се забележи дека архитектурата е тотално маргинализирана кога зборуваме во однос на урбанистичкото планирање“, вели Пановски.

Новиот закон се однесува исклучиво само на урбанистичкото планирање, вели Бујароска, додавајќи дека според неа логично е прво да се заврши законот за просторно планирање.

„Овој закон за урбанистичко планирање, што сега е во нацрт, треба да му служи на тој за просторно планирање, но за жал тоа не се случи. Еве Министерството за транспорт и врски го изработи овој нацрт закон, а Министерството за животна средина се уште нема ни отпочнато со подготвување на законот за просторно планирање“, вели Бујароска.

Од „Еко-свест“ сметаат дека законот е закана за природните подрачја во државата и бараат пратениците да не гласаат за него, а надлежното Министерство за транспорт и врски да ги земе предвид укажувањата и недостатоците и да подготви соодветни измени.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG