Достапни линкови

Фил(м)трирање со добар филм на КИНЕНОВА


Плакатот за шестото издание на Меѓународниот филмски фестивал КИНЕНОВА

Со фокус на македонската кинематографија, осум моќни нови европски филмски остварувања во конкуренција за престижните фестивалски награди и под мотото „Фил(м)трирање“, од 27 до 31 октомври во Милениум и во Кинотека, ќе се одржи шестото издание на Меѓународниот фестивал КИНЕНОВА.

Скопје и македонските љубители на подвижните слики, од 27 до 31 октомври, по шести пат ќе имаат можност да бидат со фестивалот кој во изминатава половина декада не само што успеа да се избори за своето место на домашната културна сцена и кој, што е посебно важно, се издигна над обичноста на уште една ваква понуда. КИНЕНОВА бавејќи се со првите ( ајде нека биде и „вторите“) остварувања на филмските автори кои нудат нови, храбри и моќни остварувања, естетика која во основа се потпира на нивната младост и бескомпромисност, всушност го сврте вниманието на себе и безрезервно ја оправда укажаната доверба.

Од таму, не случајно во миговите на пост-пандемиско живеење со право се очекува наново да предизвика видна возбуда од повторното потонување во затемнетите филмски сали и магијата што може да ја пружи само големото филмско платно.

А, во случајов првичниот удар ќе биде со „Бановиќ Страхиња“ на српскиот режисер Стефан Арсениевиќ, актуелниот победник на Филмскиот фестивал во Карлови Вари во Чешка, што ќе биде прикажан на отворањето на манифестацијата во киното „Милениум“.

Останатите седум конкуренти за наградите, остварувања како „Од другата страна на реката“ на Антонија Килијан, „Аматери“ на полската режисерка и сценаристка Ивона Сеикержинска, драмата „Пари“ на Сиамак Етемади, „Почеток“ на Деа Кулумбегашвили од Грузија, шпанскиот „Галаксијата Андромеда“ на режисерот Море Рача, „Последната бања“ на Португалецот Дејвид Бонивил и документарниот „Сонценцето зајдува“ на нишлијата Стефан Красиќ, впрочем како и другите предвидени програмски целини, ќе се одвиваат во Кинотека.

Сцена од поргугалскиот филм „Последната бања“ на режисерот Дејвид Бонивил

Игор Анѓелков, програмскиот директор на КИНЕНОВА, знае да каже дека во изминативе две декади, или ако сакате во новиот милениум, најважните теми ги обработуваат токму режисерите дебитанти. Дека младите автори без никакви калкулации им пристапуваат на горливите општествено-социјални теми и дека тоа го нудат и на големото платно.

Секогаш кога доаѓам во ситуација да изберам одреден филм, разбирливо тргнувам од себе, од сопствениот гледачки филмофилски сензибилитет, многу ми е важно во филмот да биде опфатен и контекстот, односно темите кои ги обработуваат тие филмови, во случајов главно први или втори остварувања, да се однесуваат и на контекстот во кој ние живееме во нашето општество. Филмовите никогаш до крај не можат да понудат одредени одговори, меѓутоа можат да понудат многу прашања кои чекаат да бидат одговорени, ќе рече селекторот Анѓелков.

А во пресрет на актуелното шесто издание, Небојша Јовановиќ, директорот на Фестивалот, истакнува дека е горд што и во услови на сериозна светска криза и многу отежнати услови на функционирање, особено за филмската уметност, КИНЕНОВА како манифестација прилично успешно успева да ги преброди овие предизвици, па дури и програмски да појде еден исчекор понатаму. Дополнува дека минатата година тие беа единствен фестивал во земјата и во светот кој реализираше свое „телевизиско издание“, со цел да ја продолжат традицијата и да ја надминат кризата. Дека тоа не го направиле „од позиција на загрижени или уплашени филмаџии, туку со уште посилна мотивација од претходно, одредувајќи си мисија да ја пласирааат филмската уметност и бескомпромисно да ја доближат до публиката и дека тоа нивно делување даде мултиплициран ефект и додадена вредност, така што фестивалската програма имале можност да ја погледнат скоро два милион гледачи“.

Оваа година, фестивалот полека се враќа на класичниот формат на одржување во живо, но сепак ќе ја продолжиме и традицијата отпочната од лани со емитување на дел од фестивалската содржина на ТВ24. Немаме намера да се откажеме од овој начин на пласирање на фестивалот, знаејќи го влијанието кое минатата година КИНЕНОВА го имаше во јавноста.

Фестивалот оваа година и покрај намалената светска продукција на филмови и исклучително проблематичната дистрибуција на истите, обезбеди доста концентрирана програма, која ќе им овозможи возбудлива авантура на гледачите.

Притоа особено е значајно што овојпат фокусот на манифестацијата е на македонската кинематографија и делото на македонските филмски уметници на начини кои ќе ги објавиме наскоро, вели Јовановиќ.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG