Достапни линкови

Филипче: 3 нови случаи, нови 200 аспиратори, 200 лица од Деве Баир во карантин во Пепелиште


До сега во Македонија се потврдени вкупно 26 лица заболени од коронаирусот, откако денеска биле потврдени дека се позитивни тројца пациенти кои се тестирале на Клиниката „Жан Митрев“, а за нив Институтот за јавно здравје направил контролни тестови, со кои се потврдени претходниот резултати, информираше на денешната прес-конференција, министерот за здравство Венко Филипче.

„Состојбата на сите останати пациенти кои што се хоспитализирани е стабилна. Се тестираат уште 10 лица кои биле со контакт со овие ново заболени лица од Скопје, двајца од нив се сопружници кои биле на пат во Бугарија“, рече Филипче.

Претходно кај уште пет лица од кои што четири од Дебар и една 54-годишна Скопјанка е потврдено присуство на коронавирусот. Со овие пет лица вкупниот број заболени од коронавирус во моментов во државава изнесува 26, од кои 9 се во Дебар, а 17 во Скопје. Во моментов над 200 луѓе се во домашна изолација, информираше Филипче, и повторно апелираше сите да ги почитуваат мерките за заштита и ги повика сите граѓани без потреба да не излегуваат од дома и да не се групираат, а во маркетите и во аптеките што помалку да се задржуваат.

Како што информираше министерот, до крајот на неделава во Македонија треба да стасаат 200 аспиратори од Кина и значителна бројка на заштитни маски, за што, како што кажа, бил информиран и од кинескиот амбасадор во земјава.

Според министерот, капацитетот на Клиниката за инфективни болести во Скопје е подготвен - Првиот кат се уште не е исполнет, а подготвен е и вториот спрат, што, како што рече Филипче, ниту четвртина од капацитетот не е исполнет. Во соработка со Град Скопје ќе се зголеми и бројот на автобуси во утринските и попладневните автобуси, за да нема по многу патници во еден автобус.

Филипче рече дека сите 200 луѓе кои се очекуваат да пристигнат во земјата од граничниот премин Деве Баир, со полициска придружба ќе бидат спроведени во касарната во Пепелиште на Криволак и дека таму ќе бидат соодветно здравствено третирани и обезбедувани, колку што е потребно.

„Епидемијата е во силен ек, секоја епидемија има почеток, пик и на крај намалување на случаите. Очекувано е бројот на заболени во периодот што доаѓа да се зголеми. Затоа е најбитно да се спречи локалната трансмисија. Презедовме мерки, останете дома, не се групирајте, излегувајте само ако имате некоја итност, не контактирајте многу со луѓе, не се задржувајте во маркетите држете дистанца, одржувајте лична хигиена. Од сите нас зависи, мора да пристапиме максимално сериозно. Ова не е шега. Мора да се однесуваме одговорно. Мерките ќе ги заоструваме ако излезе дека е неопходно. Можно е пикот на епидемијата да биде за еден месец од сега и бројот да достигне 2.000 заболени“, рече министерот.

На новинарско прашање, поврзано со верските обичаи да се собираат луѓе зa молитви, миси и погреби, Филипче рече: Може да ја разбeрам емотивната ситуација ако се работи за погреб, но ако ги прекршуваат препораките ќе барам и од верските заедници да се забранат сите собири.

XS
SM
MD
LG