Достапни линкови

С. Македонија утре на прв состанок на НАТО, Ковид-19 на врвот на агендата


Генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, денеска го најави дневниот ред на утрешниот министерски совет

Утрешниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО ќе биде првиот на кој ќе учествува и Северна Македонија, најновата членка на Алијансата. Генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, денеска го најави дневниот ред на министерскиот совет, кој за прв пат ќе се одржи преку видео врска поради панедемијата со коронавирусот.

„Ова ќе биде првата ваква средба во 70-годишната историја на НАТО. Нашиот одговор на КОВИД-19 ќе биде на врвот на нашата агенда. Ќе се осврнеме на мерките што ги преземаат НАТО и сојузниците во тековната криза и ќе продолжиме да ја испорачуваме нашата основна мисија: Веродостојна безбедност и одбрана. Ова е глобална здравствена криза. Нашите мисли се со најблиските на жртвите и со сите оние кои страдаат од пандемија. Им благодариме на сите што се на фронтот“, изјави Столтенберг.

Тој потенцираше дека помошта од членките на НАТО веќе се реализира.

„Доктори од Албанија и Полска отпатуваа да им помогнат на нивните италијански колеги. САД испрати медицинска опрема во Италија. Чешка донираше 20.000 заштитни одела во Италија и Шпанија, рече генералниот секретар на НАТО“, рече Столтенберг.

Столтенберг изјави дека Северна Македонија, како најнова членка, исто така го користи системот за одговор на кризи на Алијансата за да се координира на владино ниво.

„Витална е помошта за цивилните напори, вклучително преку теренски болници, транспорт, обезбедување на граничните премини, утре кога ќе се состанат министрите ќе ги разгледаме начините на координација користејќи ги воените капацитети на НАТО“, рече Столтенберг.

На утрешниот состанок, ќе се разговара и за зајакнување на одговорот на земјите на НАТО во справување со кризата со Ковид-19, но и за основните операции и мисии на Алијансата, како таа во Авганистан.

XS
SM
MD
LG