Трговскиот суд во Пазин, град во западна Хрватска, на 10 март ќе одлучува по барањето на агенцијата „Илјадарка“ да се одржи концерт на српски фолк пејачи на 25 март.
Од пулската компанија сопственик на салата тврдат дека договорот е раскинат поради доцнење со плаќањето, а агенцијата тврди дека градоначалникот на Пула, Филип Зоричиќ телефонски им рекол дека „не сака српско ѓубре во неговиот град“. Градоначалникот тоа го негира.
Приказната за концертот, што според едни е забранет, а според други откажан ќе има и свој правен епилог. Концертот на српските пејачи требаше да се одржи на 25 март во градската спортска сала „Мате Парлов“.
Трговскиот суд во Пазин, по барање на Радио Слободна Европа (РСЕ), потврди дека организаторот на тој концерт, загрепската агенција „Илјадарка“, односно нејзиниот сопственик Цимар продукција, ја тужи градската компанија Пула спорт, која управува со спортската сала во која требеше да се одржи концертот. Агенцијата побара и привремена мерка, односно концертот сепак да се одржи.
„Рочиштето по предлогот за определување на привремена мерка е закажано за 10.03.2023 година во 09:00 часот, а одлуката за предложената времена мерка ќе следи по рочиштето“, одговорија од Судот во Пазин.
Раскинување на договорот или забрана?
На концертот требаше да настапи хрватскиот пејач Душко Кулиш и „пријателите“, како што пишува во договорот, односно српските пејачи Драган Којиќ, Ана Бекута и Зорана Миќановиќ, музичари кои изведуваат музика која се движи од народна, до фолк и турбо фолк музика.
Приказната стана јавна кога организаторот на концертот на 22 февруари објави дека продал речиси 3.000 влезници, но дека договорот бил раскинат кога независниот градоначалник на Пула, Филип Зоричиќ, дознал кој сè ќе пее на концертот.
Сопственикот на агенцијата „Илјадарка“, Марио Циндори, тврди дека Зоричиќ во телефонски разговор му рекол дека „не сака српско ѓубре во неговиот град“ и дека му „пцуел српска мајка“.
Зоричиќ: Музичкиот израз не припаѓа на нашето поднебје
Зоричиќ негира дека кажал нешто такво, и вели дека ќе реагирал порано, но дека за сè дознал од медиумите. Тој објаснува дека во разговорот со Циндори „сосема недвосмислено и јасно изјавил дека концерти од ваков тип нема да се одржуваат на јавниот простор на градот Пула и во објекти со кои раководи Градот и дека овој музички израз не припаѓа на нашето поднебје, духот и менталитетот на градот“.
Дополнително, „Пула Спорт“, градската компанија која стопанисува со салата, објави дека причините за раскинувањето на договорот се дека авансот од 20 проценти не бил платен до 15 декември, како што стои во договорот, и дека во договорот не е наведено кои се „пријателите“ кои треба да настапат со Кулиш. Адвокатот на Циндори тврди дека авансот сепак бил платен - на 20 јануари.
Јавноста е поделена, додека мнозинството тврди дека тоа е националистички изблик на градоначалникот, малцинството тврди дека градот има право да одлучува што се случува во неговиот простор. Советот на српското малцинство на округот Истра беше меѓу првите што ја осуди оваа одлука на Зоричиќ. Агенцијата „Илјадарка“ се обидела да го префрли концертот во Осиек, но и таму не наишле на разбирање.
Претставници на српската заедница во Пула: Шум во комуникацијата, а не национализам
Членот на градскиот совет на Пула во име на српското малцинство и основач и актуелен координатор на Српскиот културен центар во Истра, Милан Рашуло, во изјава за Радио Слободна Европа, вели дека не гледа никаква политика, ниту национализам во овој случај.
„Не навлегувам во некои дисонантни тонови кои беа изнесени во медиумите, ниту мислам дека тоа има каква било врска со односот кон српската заедница. Лично, а тоа е ставот и на српската заедница, ние сме против какви било забрани. Ние исто така веруваме дека градот Пула има автономно право на селективен пристап за програмите што се одвиваат на негов простор“, вели Рашуло.
Според него „настанал шум во комуникацијата меѓу градското здружение Пула спорт и соодветната процедура за реализација на програмски содржини во салата, која е пред сè наменета за спорт“.
Тој додава дека нема забрани за тој вид музика на приватен простор, и дека во Пула има приватен клуб „Карго“ каде без проблем се организираат и одржуваат концерти од овој вид музика. Рашуло додава дека треба да се почека и да се види што ќе каже судот за конкретниот случај.
„Ова се глупости водени од национализам“
Уредникот на веб-магазинот за поп култура „Право до дното“ (Равно до дна)“ Зоран Стајчиќ за РСЕ изјави дека случајот немало да излезе во јавноста доколку се работи за едноставно раскинување на договорот поради непочитување на роковите, туку се работи за фактот дека градоначалникот на Пула, Зоричиќ, го забранил концертот и тоа со аргументот што тогаш го употребил.
„Мислам дека целата оваа ситуација е страшна глупост! И тоа се глупости што не се водени од ништо друго освен од национализам, а со тоа и игнорантското однесување, и неразбирање на музиката и музичките текови што се случуваат овде“, оценува Стајчиќ.
Тој потсетува дека Душко Кулиш, кој исто така беше спречен да настапи, е хрватски пејач и член на Хрватскиот музички сојуз со 197 регистрирани авторски дела.
„Ниту една од тие песни не повикува на омраза, туку повеќето се песни од љубовен карактер. Се работи за 63-годишен пејач кој на сараевската сцена доаѓа во време кога тоа го прават и Кемал Монтено и Здравко Чолиќ, во жанр кој тогаш се нарекуваше „новокомпонирана народна музика“, и тој продолжи со тоа“, потсетува Стајчиќ.
Никаде го нема тоа изведувачи со една нога во пензија да ја расипуваат младината
„Значи, факт е дека во два хрватски града е забранет концерт на хрватски изведувач. Неговите гости, со исклучок на Зорана Миќановиќ, која наполни 18 години на крајот на минатата година, сите имат над шеесет години. Јас не знам за некоја ситуација на светската сцена каде што изведувачи, како што се вели, со едната нога во пензија да ја расипуваат младината“, додава нашиот соговорник.
РСЕ се обиде да стапи во контакт со Марио Циндори и агенцијата Илјадарка, но тие не одговорија на нашите повици и мејлови.