Достапни линкови

СДСМ собира потписи за свикување на Собранието


Собрание на Република Северна Македонија

Владејачкиот СДСМ денеска почна со собирање потписи за иницијативата со која ќе бараат собранискиот спикер Талат Џафери да го свика Собранието. Тие се повикуваат на членот 67 од собранискиот Деловник, според кој, претседателот на Собранието може да свика седница и по барање на претседателот на Републиката, Владата и на најмалку 20 пратеници.

„Ставот на пратеничката група на СДСМ е дека Собранието треба да биде во функција и за тоа се исполнети сите услови пропишани во Уставот. Затоа нашата цел е да направиме уште еден обид да биде свикана седница на која ќе бидат потврдени одлуките на Пендаровски, но да биде во функција и доколку во иднина има потреба повторно од прогласување вонредна состојба. Правиме консултации и со други пратенички групи со кои го делиме мислењето за работата на Собранието во вакви услови. Најдоцна до утре барањето за свикување седница ќе биде доставено до претседателот на Парламентот“, изјави Јован Митроски, координатор на пратеничката група на СДСМ за МИА.

За тоа како би се одржала седницата, тој вели, дека би било согласно препораките на здравствените власти за држење дистанца односно електронски или во сали во Собранието каде што може да се обезбеди растојание од два метри меѓу пратениците, како Салата во Куполата на најгорниот кат во Парламентот.

Иницијативата да се свика Парламентот доаѓа откако претседателот Стево Пендаровски минатата недела донесе нова одлука со која се утврди вонредна ситуација во период од 30 дена.

XS
SM
MD
LG