Достапни линкови

Речиси половина од младата популација е религиозна


Секој осми млад човек во земјава не би простил прељуба во бракот, речиси за секој шести се прифатливи предбрачни сексуални односи, додека една четвртина од младите би избрале абортус поради несакана бременост.

Ова се дел од резултатите на најновото истражувањето за перцепцијата на младите во поглед на нивните религиски, етички и морални вредности, спроведено од „Институтот за политички истражувања – Скопје“ (ИПИС) и интернет порталот „Религија.мк“, со поддршка на Фондацијата „Конрад Аденауер“ (КАС).

Истражувањето е на репрезентативен примерок од 708 испитаници помеѓу 16-35 години, спроведено во втората половина на јуни 2019 година. Според нивните резултати, седумдесет и три проценти од испитаниците се изјасниле како православни, 23,4 отсто како муслимани, додека како припадници на други религии се изјасниле 0,7 проценти, а 2 отсто се изјасниле како атеисти. На прашањето дали за себе можат да кажат дека се религиозни 47 отсто од младите одговориле потврдно, 36 проценти изјавиле дека се донекаде религиозни, како малку или воопшто нерелигиозни се определиле 17 проценти од испитаниците.

Во однос на употребата на лесни дроги, испитаниците се изјасниле како релативно конзервативни, односно седум отсто од нив изјавиле дека употребата на лесни дроги е прифатлива и дополнителни 12 проценти донекаде прифатлива. Кога станува збор за корупцијата односот на младите е негативен со оглед дека високи 58 отсто изјавиле дека таа е целосно неприфатлива, додека 19 проценти сметаат дека е донекаде неприфатлива како општествена појава. За само пет отсто давањето мито за услуга е прифатливо.

Во однос на перцепцијата за одржување на геј паради, според резултатите на ова истражување, само 10 отсто и дополнителни 12 отсто изјавиле дека за нив тоа е прифатливо, односно донекаде прифатливо.

Испитаниците одговарале и дали размислуваат да се иселат од државата. Дури 52 отсто од испитаниците одговориле потврдно, притоа наведувајќи ги финансиската стабилност/животен стандард, можноста за напредување и невработеноста како главни причини, односно 22 отсто, 11 отсто и 10 отсто следствено.

XS
SM
MD
LG