Достапни линкови

Продолжуваат протестите против верскиот закон во Црна Гора


Протестите против верскиот закон во Црна Гора

Во неколку градови на Црна Гора и синоќа продолжија протестите против усвојувањето на нацрт-законот за слобода на вероисповеста, јавија црногорските медиуми.

Во Подгорица литијата низ улиците ја водеше митрополитот црногорско-приморски Амфилохије.

По молебенот, литијата тргна низ улиците на Подгорица во 19 часот од Соборниот храм до црквата Свети Макавеј во Толоши и се врати во храмот, пренесува РТЦГ.

Митрополитот Амфилохије се обрати на верниците со порака дека ништо не може да се изгради на основа на беззаконие и дека храмовите се божја сопственост.

Во Беране неколку илјади граѓани, меѓу кои и градоначалникот Драгослав Шчекиќ и голем број локални функционери, се собрале пред општинската зграда, извикувајќи „Не го даваме тоа што ни е свето“.

Синоќа протестираа и голем број жители на Жабјак и Бјело Поле.

Според новиот закон, „сите верски објекти кои биле во сопственост на државата Црна Гора пред губењето на нејзината независност во 1918 година, а подоцна прешле во сопственост на некоја верска заедница на несоодветен правен начин, ќе се сметаат за државна сопственост и ќе бидат запишани како културно наследство“.

Српската православна црква, која е сопственик на најголем број од црквите во Црна Гора и има најмногу верници, смета дека се работи за обид црногорските власти „да ги ограбат“. Во Црна Гора постои и непризнаената Црногорска православна црква, но таа има малку верници.

Во меѓувреме, амбасадорот на Србија во Црна Гора одби да ја прими протестната нота од Министерството за надворешни работи во Подгорица, а потоа истото го направи и црногорскиот амбасадор во Белград.

Црна Гора протестира против протестите пред нивната амбасада во Белград и обидите за палење на црногорското знаме, додека Србија протестира против изјавите на црногорските претставници дека Белград стои зад кризата во Црна Гора и оти со своите постапки ја загрозува независноста на Црна Гора.

XS
SM
MD
LG