Достапни линкови

Продолжуваат протестите на албанската опозиција


Насилни протести во Тирана
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:04 0:00

Насилни протести во Тирана

Илјадници поддржувачи на албанската опозиција повторно излегоа на улиците во Тирана за да побараат нови избори и покрај повиците од западните сили за преговори со владата. Притоа имало повредено неколкумина полицајци и демонстранти.

Приврзаниците на десничарската Демократска партија, предводена од Љуљзим Баша, повторно се собраа на протести во Тирана при што демонстрантите фрлаа факели и петарди врз зградите на владата и на парламентот.

За време на протестот најмалку десетина полицајци и тројца демонстранти биле повредени.

Полицијата дури употреби водени топови и солзавец кога една мала група се обиде да влезе во зградата на парламентот.

Претходно лидерот на Демократската партија Љуљзим Баша говорејќи пред насобраните рече:

„Денес Еди Рама треба да се повика на одговорност“.

Демонстрантите го обвинуваат социјалистичкиот премиер Еди Рама за корупција и врски со организираниот криминал.

Тие сакаат Рама да поднесе оставка и да биде формирана привремена влада која ќе ја води земјата до предвремени парламентарни избори.

Шпетим Зеља вели:

„Ние протестираме за нашите права, бидејќи работевме целиот наш живот и не заработивме ништо. Еди Рама краде секој ден, ограбувајќи ја нашата пот“.

Со него се согласува и Наим Хисени:

„Ние протестираме за нашите права Ние немаме никакви права воопшто, ни да гласаме. Го ставаме гласачкото ливче и ни го крадат. Цените на горивото се зголемуваат. Цените на храната се високи. Невработеноста галопира. Се е невработено ... како семејство ние сме четири луѓе, што да јадеме?“

Социјалистите на Рама велат дека опозицијата го нарушува имиџот на земјата, во момент кога лидерите на Европската унија разгледуваат дали да започнат преговори за полноправно членство со Тирана.

Европската унија, Соединетите држави и другите западни институции побараа опозицијата да избегнува насилство на протестите и да разговора со владата за решавање на политичкиот ќор-сокак во земјата.

И шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, за време на посетата на Тирана, исто така, го осуди насилството, наведувајќи дека „тоа е неприфатливо и во спротивност со демократските вредности “.

Опозицијата се откажа од своите места во парламентот и реши да ги бојкотира изборите на 30-ти јуни.

Протестите на опозицијата се одвиваат од средината на февруари.

XS
SM
MD
LG