Достапни линкови

Полицајци, наставници и (не)мешањето во внатрешни работи - вие коментирате!


Илустрација

Обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ за злосторничко здружување МВР-СДСМ, интервјуто со Никола Димитров, како и информацијата за тепаниот ученик од страна на наставик во фокусот на вашите коментари.

Поплаки и обвинувања и пред вториот круг на локалните избори што треба да се оддржат на 31 октомври. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ објави дека „Полицајци блиски на СДСМ договарале малтретирање на граѓани за изборите преку Вибер“.

Дејан Секуловски на нашата ФБ страница коментирал: „Ова исто како на денот на изборите, 83 вооружени лица, алооо, доста со лаги, не е ова 2015 година.“ А Марија Солева му се обраќа на соопштувачот на оваа вест, Драган Ковачки, инаку член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ: „Сѐ е ваше сценарио, не сме заборавиле како вие тепавте.“ Дарко Стаменковски го потсетува претставникот на опозициската партија: „Нешто слично коʼ тоа мајмунчето коа се закануваше дека ако не се гласа за твојата партија, ќе си ги најде жената и децата у ендек? Гледаш како не е убаво? Самир Османи постирал: „Без докази и факти кажуваат приказни за деца, оти имате глупаци и лудаци на претек кои ќе им веруваат на измисленото...“ Лидија Пренџова, пак, со обвинување: „На дело е стратегијата на службата што ги формираше како партија и им ги води сите избори, да го припишуваат на другиот тоа што тие го прават константно.“

По информацијата за демантот од страна на МВР дека полициски функционери планирале да малтретираат гласачи, преовладуваат сосема поинакви коментари. Стефан Бричко напишал: „Нормално! Групата не е официјална, туку по партиска иницијатива!“ Бранка Крстевска со свое мислење: „Негира... а кој уште им верува на нив во оваа држава.“ Следува и еден коментар со колнежи и неверојатно непримерен јазик на Лилјана Георгиева во кој се спомнува пекол, Бог, гробишта... и едно прашање-забелешка на сметка на РСЕ од Љубомир Шоповски, кој се чини, превидува дека ФБ е социјална мрежа на која нема цензура: „Дали вие од РСЕ гледате каква публика негувате??? Срамота!!!“

Неделното интервју е со вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, во кое најмногу се третираат односите меѓу Бугарија и нашава земја, при што, покрај другото вели дека според постојниот Договор за пријателство „наша обврска е да не се мешаме во бугарските внатрешни работи, но и обврска на Бугарија е да не се меша во внатрешните македонски прашања.“

Димитров - Политичарите не може да им наредат на историчарите што да прават
please wait

No media source currently available

0:00 0:14:16 0:00

Вообичаено на оваа тема има разгорени страсти, лични навреди и провокации со навредливи зборови од нашите посетители, како и од некојси Милен Георгиев од Софија, кој пишува на измешан бугарско - македонски јазик, со бугарска азбука. Кочо Веселиновски со резон: „Ако стои во договорот дека двете држави нема да се мешаат во внатрешните работи на другата држава и ако тоа се почитува, проблеми нема да има“, почнува Веселиновски. „Но овде работата односно проблемот е што Бугарија се меша во сѐ и наметнува нешто што е незамисливо да се прифати. Значи, го крши договорот“, заклучува во својот коментар Кочо Веселиновски. И Жико Јордевски е со истото мислење: „Бугарија воопшто не се меша??? Бугарија диктира!!!“ За Слободанка Камчева „во интервјуто се само празни зборови без содржина, манипулација.“


Реакциите на нашите посетители на ФБ по информацијата дека наставник тепал ученик во едно скопско училиште, како да ја покажуваат конзервативноста на нашата средина, бидејќи речиси во сите коментари, со ретки исклучоци доминира мислењето дека „ќотекот излегол од рајот“, ама со извесна задршка во некои коментари дека „никогаш не би помислила туѓо дете да тепам, а професорот нема право да малтретира“, како што напишала Дафина Тодоровска. Спасоје Блажевски прашува „дали видовте зошто се случило тоа, не дека го оправдувам ама сепак има пресумпција на невиност... Да се слушне и другата страна сепак...“ Жељко Серафимовски му одговара: „Нема што да се слушне другата страна, што и да направило детето он нема никакво право да крене рака на него, а не па да го удри.“ Лута Ахмети потсетува: „... Има директор има психолог во училиште, а не учител да тепа дете, заслужува голема казна, нема дискусија, можел да го извади од својот час, а не да удри туѓо дете, каков учител!“

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG