Достапни линкови

Повелете на европски филмови за млади


Здружението на филмски продуценти на Македонија, МЗФП – Скопје го организира проектот „Европски филм за млада публика“ во чии рамки ќе бидат прикажани три европски филмови во пет градови во земјава.

Денеска (28 октомври) во НУ Центар за култура „Ацо Ѓорчев“ – Неготино ќе биде прикажан филмот „Други девојки“, за четири 18-годишни девојки кои влегуваат во светот на возрасните губејќи ја невиноста, и на моменти, и нивната верба. Тие снимаат провокативни видео записи за нивните животи во времетраење од една година. Филмот се базира на вистинити настани.

Исто така, на 31 октомври во Неготино ќе биде прикажан и тинејџерскиот трилер „Враќањето на Хана“ во режија на Естер Бијалас. Истиот ден во рамките на проектот во НУЦК „Антон Панов“ – Струмица ќе бидат прикажани филмовите „Други девојки“, „Враќањето на Хана“, како и германскиот филм „Тегла полна живот“ со актерката Јела Хазе. „Тегла полна живот“ беше претходно прикажан во Домот на културата „Крсте Петков Мисирков“ Свети Николе.

Проекциите продолжуваат и во Дом на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци и Домот на култура „Македонија“ во Гевгелија.

Организаторите посочуваат дека целта на проектот е да и презентираат на младата публика филмови кои се различни од холивудските и да ги запознаат со културните вредности од европските земји, но и да им ја доближат европската кинематографија.

Проектот е поддржан од Министерството за култура во рамките на манифестацијата „Нов културен бран“ и трае до 15 ноември.

XS
SM
MD
LG