Достапни линкови

„Гледаноста е успехот, а не Оскарот“


Филмската екипа зад „Медена земја“ во Театарот Долби за 92-то издание на Оскарите

Позначајно е што сменивме историја, отколку да добиевме Оскар, порача Атанас Георгиев, продуцент на документарниот филм „Медена земја“, од Лос Анџелес на онлајн прес конференцијата за македонските медиуми која се одржа изутрината.

Корежисерите Љубо Стефанов и Тамара Котевска, продуцентот и монтажерот Георгиев, кинематографите Фејми Даур и Самир Љума, како и хероината Атиџе утрово разговараа со медиумите преку онлајн јавување организирано во Кино Фросина. Тимот се уште е во Лос Анџелес, каде во неделата се одржа 92-то издание на Оскарите. Нивниот филм „Медена земја“ беше номиниран во две категории, но не доби Оскар.

Целиот тим смета дека успехот е зад тоа колку луѓе го виделе филмот.

„Не смее во ниеден случај да се става во конотација на загуба. Не го зборуваме ова во наше име како автори, ние воопште не го согледуваме како загуба. Многу е жално да се пренесува така, тоа е голема демотивација за луѓето а е тотално погрешно. Оскарот е една формалност, патот кој што поминува до тоа и луѓето во цел свет кој што го видоа овој филм се вистинската слика за тоа колку е успешен“, истакна корежисерката Тамара Котевска.

„Медена земја“ беше номиниран во категориите „Најдобар документарен филм“ и „Најдобар странски филм“ за Оскар. Тие претходно имаат освоено 32 награди и 48 номинации.

Котевска објасни дека не треба да се создаваат „искривени“ слики за победникот во категоријата „Најдобар документарен филм“ - „Американска фабрика“.

„Би било лошо да се навлегува во теории на заговор - Америка против светот, бидејќи тие режисери (на „Американска фабрика“) имаат многу направено зад себе, ова им е четврта номинација. Тие се многу страсни документаристи и според мене Оскарот е земен поради нивното досегашно дело. Според мене, политиката на Академијата е многу сменета, затоа што до сега не се случило да има четири филма кои се надвор од Америка и не би било фер да се зборува од позиција на жртви, бидејќи има што да се научи од тие документаристи“, порача Котевска.

Зборувајќи за „Американска фабрика“, Георгиев истакна дека не може да се споредува со нивната продукција.

„Тоа е исто како едно пиле да се бори со гризли мечка. Сепак, зад него стои Нетфликс и продукцијата, новотворена на Барак и Мишел Обама, и сепак Академијата колку и да има голем број членови и сите сакат да гласаат најобективно, сепак најголемиот број се американци и секогаш националниот момент победува“, изјави Георгиев.

Нивните пораки се дека не треба луѓето да се демотивираат и дека се надеваат дека нема да поминат 25 години за да некој направи дело кое ќе биде препознаено од светот.

„За мене најважно е тоа што овој филм е направен на една крајно ентузијастична основа. Мене ми е драго што еден таков потфат кој сме го направиле сами без големи пари, без многу опрема, а дојдовме до две номинации за Оскар“, изјави Љубо Стефанов.

Хероината Атиџе пак, изјави дека едвај чека да им се врати на пчелите и да одмори од камерите.

Бесона ноќ за фановите на Медена земја
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:50 0:00

Владата на вчерашната седница донесе одлука екипата зад „Медена земја“ да биде наградена со три милиони денари.

„Нашите Медени, вчера го освоија најважниот Оскар – за човечност, едноставност, свесност за животната средина и големо. Ги освоивте нашите срца и срцата на милиони луѓе низ целиот свет и со еден симболичен гест сакаме да се заблагодариме – затоа вечерва донесовме одлука на владината седница за парична награда од 3 милиони денари за екипата Медени. Бидејќи го додадовте епитетот „Медена” на нашата земја. Бидејќи нѐ направивте тооолку горди!“, напиша министерката за финансии Нина Ангеловска на Фејбук.

XS
SM
MD
LG