Достапни линкови

Најново истражување: Не постои геј-ген


Илустрација

Студијата анализирала податоци на ДНК и сексуални искуства на речиси половина милион луѓе.

Најновото научнo истражувањe за биолошката позадина на сексуалното однесување, што ја спроведе тим научници предводен од д-р Андреа Гана од Институтот за молекуларна медицина во Финска, покажува дека дека не постои хомосексуален ген, објавија светските новински агенции, повикувајќи се на информации во специјализирани медиуми.

Според научниците, истражувањето покажало и дека сложена комбинација на генетиката со околината влијае врз тоа дали некој има сексуални преференции кон лица од ист пол.

Студијата анализирала податоци на ДНК и сексуални искуства на речиси половина милион луѓе. Заклучено е дека има илјадници генетски варијации поврзани со сексуалната склоност кон ист пол, но повеќето од нив имаат многу мало влијание врз тоа.

Само пет генетски маркери се значително поврзани со хомосексуалноста, откриле научниците, но ниту врз нивна основа не може да се предвидат сексуалните преференции.

„Го скениравме целиот човечки геном и откривме мал број, поточно пет локации, кои се јасно поврзани со тоа дали некое лице ќе има истополови сексуални односи“, вели Андреа Гана, биолог од Институтот за молекуларна медицина во Финска, една од лидерите на истражувањето.

Таа додава дека овие маркери имаат многу мало влијание врз одредувањето на човечката сексуалност, што според неа, значи дека други фактори, како што се животната средина, воспитувањето и карактеристиките на личноста, се многу позначајни за сексуалната ориентација, каков што е случајот и со другите човечки особини, забележуваат истражувачите.

Студијата, која е најголема од ваков вид досега, ги анализира одговорите на анкети и спроведе анализи на ниво на целокупниот геном (GWAS) на податоци од повеќе од 470.000 луѓе што ги дале своите ДНК-примероци и податоци за нивните склоности во британскиот институт „Биобенк“ и американска компанија за генетски тестирања.

XS
SM
MD
LG