Достапни линкови

Според нацрт-одлуката, Македонија може да почне преговори со ЕУ, објави Ројтерс


Според нацрт-одлуката на 27-те земји-членки на Европската унија, во кој денеска увид имала новинската агенција Ројтерс, ЕУ може да започне разговори за членство со Албанија и Северна Македонија, објави Ројтерс. Доколку биде одобрена одлуката, пишува Ројтерс, тоа ќе стави крај на двегодишните одложувања и ќе испрати сигнал за сите шест земји од Западен Балкан - Србија, Косово, Црна Гора, Албанија, Босна и Северна Македонија - кои сакаат да влезат во ЕУ.

Минатата недела вицепремиерот Бујар Османи информираше дека постојаните претставници на земјите-членки на ЕУ постигнале консензус за одлуката за старт на преговорите со Македонија. Веднаш по него, на новинарско прашање, реагираше шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, дека има големи изгледи и позитивни сигнали од огромно мнозинство на земјите членки, но дека работата не е докрај завршена.

Ваквата одлука на земјите членки, во која увид имала агенцијата Ројтерс, прво треба да биде потврдена на 24 март од страна на министрите за Европа и за надворешни работи на ГАК, а потоа и на самитот на лидерите на земјите од ЕУ на 26 март.

Минатата недела, увид во нацрт-извештајот на Советот за општи работи на ЕУ, имаше и Радио Слободна Европа, според кој извештај Советот позитивно ќе одлучи за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија и со Албанија.

„Советот ја повикува Европската комисија, без одложување и најдоцна до јуни, да поднесе предлог за преговори, а првата меѓувладина конференција би требало да биде свикана без одложување, веднаш по усвојување на предлогот“, стои во нацрт-заклучокот во кој имаше увид РСЕ.

XS
SM
MD
LG