Достапни линкови

Можно заострување на кампањата пред вториот круг


Зоран Заев и Христијан Мицкоски на завршните митинзи на претседателските избори 2019
Зоран Заев и Христијан Мицкоски на завршните митинзи на претседателските избори 2019

Оцрнувањето на противкандидатот не е пресудно, но може да влијае на изборот на гласачот, велат експертите ,според кои ,тесните резултати, навестуваат жестока политичка борба со црна кампања пред вториот круг од претседателските избори

Тесните изборни резултати, според домашните експерти, навестуваат жестока, а многу веројатно и црна кампања на кандидатите пред вториот круг од претседателските избори. Токму малата разлика во гласовите кои ги добија двата противкандидати остава простор партиите да ги искористат сите средства во борбата за глас повеќе на своја сметка, велат аналитичарите.

„Мислам дека резултатот отвара простор за прилично компетитивен натпревар. Близината на резултатите укажува дека ќе требаат големи напори од двете партии да стигнат до целта, а тоа е нивниот кандидат да биде избран. Мислам дека во тој процес политичките партии нема да бираат средства. Уште и во првиот круг имавме оцрнување на противкандидат и за жал мислам дека тоа ќе се интензивира и во вториот круг и ќе стане понепријатно за гледање и за самите учесници“, изјави извршниот директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка Александар Кржаловски.

На иста линија е и професорот Митко Гаџовски од Факултетот за општествени науки, според кој, политичките партии ќе ја искористат секоја можност за да му наштетат на противкандидатот.

„Имајќи го предвид резултатот од првиот изборен круг, јас очекувам во наредниот период да има борба буквално за секој глас. Очекувано е политичките партии да се свртат кон секаков вид кампања и ќе ги искористат сите средства кои им се на располагање за да стигнат до глас повеќе, така што не ја исклучувам можноста од користење на црна кампања за противкандидатот, и ќе се користи секоја можност да му се наштети на противкандидатот,“ вели професорот Митко Гаџовски.

Според нашите соговорници, црната кампања може да влијае врз изборот на потенцијалниот гласач.

„Колку и да изгледа парадоксално, првиот круг го покажа токму тоа, дека иако не може да помогне на својот кандидат, очигледно може да наштети на противничкиот и иако сите прогласија победа во првиот круг, всушност сите се губитници бидејќи имаше драстично намалување на бројот на гласови. И надвор од сите разочарувања и казнувања на партиите, веројатно релативно голем удел во таквиот резултат има и негативната кампања од првиот круг“, вели Кржаловски.

Гаџовски вели дека црната кампања за противкандидатот влијае врз добивањето глас повеќе на своја сметка. Се надева дека противкандидатите ќе го задржат достоинствениот и цивилизиран начин на водење кампања, иако е факт дека истите не можат да го контролираат однесувањето на политичките партии кои застанаа зад нивната кандидатура.

„Тие пораки очекувам да ги испраќаат лидерите на политичките партии, а од самите кандидати очекувам да продолжат со стилот кој го покажаа во првиот изборен круг“, вели Гаџовски.

Според Кржаловски евентуалната црна кампања е помалиот проблем кој може да се појави во наредните денови. Поголем страв според него создава прашањето дали ќе се повтори мирниот изборен ден и истиот начин на гласање како на 21 април. Кржаловски се сомнева дека тоа ќе се случи и заклучува дека бидејќи и на двете партии сега им одговара постигнувањето на цензус, тие премолчано или преку заеднички договор, најверојатно ќе го стимулираат полнењето гласачки кутии, што пак ќе фрли дамка на целокупниот изборен процес.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG