Достапни линкови

Лидерска средба: Одложување на изборите, Заев за вонредна, Мицкоски за кризна состојба


На денешната лидерска средба кај шефот на државата, Стево Пендаровски, постигнат е консензус за одлука за одложување на изборите, кои би се одржале кога ќе има нормална состојба и минимум услови за изјаснување на граѓаните, што сега е невозможно поради ситуацијата со коронавирусот.

„Му дадовме право на претседателот Пендаровски да свика експертска група и да ги најде правно-моралните модалитети за одложување на изборите и за нивно повторно распишување. Верувам дека консензусот постигнат од сите е сериозна порака од сите. Верувам дека институциите ќе донесат одлука за прогласување вонредна состојба со оглед на ситуацијата која ја имаме со коронавирусот“, изјави по денешната лидерска средба лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

За разлика од него, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, смета дека најпрвин треба да се прогласи 30 дневна кризна состојба на целата територија, па потоа да се направи дополнителна проценка.

„Треба да се воведе кризна состојба согласно Законот за справување со кризни состојби, која би била на 30 дена, а потоа би се вовела некој вид вонредна состојба, но затоа би требало да го утврдат експери како тоа би се извело“, рече Мицкоски по средбата.

Лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, по лидерската средба изјави дека како политичка партија се согласуваат да се одложат изборите бидејќи најважно во дадената ситуација е здравјето на граѓаните.

По средбата изјава даде и претседателот на БЕСА, Билал Касами: „Едногласно, сите одлучивме дека нема услови за избори на 12 април. Нов датум за нивно организирање не е утврден, тоа ќе треба да го проценат и кажат правни експерти“.

Претходно, претставниците на ДПА на Мендух Тачи ја напуштија лидерската средба со образложение дека, како што рече, „одлуките се донесени, а тие како албански политички партии, според него, се само декор на средбата“.

XS
SM
MD
LG