Достапни линкови

Јанева - не сум ја злоупотребила функцијата


Прес-конференција на СЈО, обвинителката Катица Јанева
Прес-конференција на СЈО, обвинителката Катица Јанева

Специјалната јавна обвинителка во оставка, Катица Јанева, денеска на прва прес-конференција по нејзината оставка, демантираше дека е поврзана со случајот „Рекет“.

Специјалната јавна обвинителка во оставка, Катица Јанева, денеска во СЈО рече ѝ било чест да биде дел од тимот кој се бори со највисокиот криминал во државата.

„Најодговорно тврдам дека ниту свесно ниту несвесно сум ја злоупотребила функцијата. Повикот да се служи на државата и да се биде дел од професионален тим кој треба да го реши високиот криминал во државата е чест за мене, иако постојано бев мета на препукувањата меѓу партиите“, рече Јанева.

Таа на новинарите им рече дека свесно не дала изјава за „Рекет“ зошто, како што објасни, „не сакала да остави впечаток дека се меша во истрагата“.

Таа потврди дека се познавала со Бојан Јовановски, првоосомничениот во случајот “Рекет”, и како што рече, не криела дека нејзиниот син работи во 1ТВ и дневно комуницирал со Бојан Јовановски заради природата на својата работа.

Специјалната обвинителка не одговараше на новинарските прашања.

Инаку, Основното јавно обвинителство засега не побарало ниту еден од тимот на специјалното јавно обвинителство да даде исказ за сомневањата околу аферата Рекет, велат за Радио Слободна Европа од СЈО. Оттаму повторуваат дека се отворени за соработка со колегите од ОЈО.

Од СЈО ги демантираат информациите во дел од медиумите дека е приведена обвинителката Лиле Стефанова, која од денеска е на годишен одмор.

Во меѓувреме, и вториот телефон на Јанева денеска ќе биде однесен на вештачење откако вчера бил пронајден, соопшти денеска Јавното обвинителство. Кога во понеделникот ОЈО и го одзеде првиот телефон, Јанева тврдела дека вториот го изгубила пред извесно време. Обвинителството потоа поднело барање до мобилните оператори за следење на телефонот, по што бил пронајден кај друг човек.

„По што, со наредба на судија на претходна постапка телефонот е одземен. Притоа лицето изјави дека телефонот е добиен на подарок. Со цел утврдување на натамошни факти, мобилниот телефон по наредба на обвинителството ќе биде предмет на вештачење. Истовремено, се испитува дали вториот мобилен телефон бил средство на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, се вели во соопштението од Обвинителството.

За извештајот од вештачењето на првиот телефон кој пристигна вчера во Обвинителството не откриваат детали, затоа што, како што велат од ОЈО, не сакат да и наштетат на истрагата.

Целта на вештачењето на телефоните е да се утврди дали постои комуникација со осомничените Бојан Јовановски познат како Боки 13 и Зоран Милески- Кичеец со која може да се докаже тргувањето со влијание, како што објаснија на првата прес конференција обвинителите при објаснувањето на сомнежите во истрагата. Јовановски и Милевски се сомничат дека наводно барале рекет од бизнисменот Орце Камчев од 8 милиони евра, по што наводно му ветувале дека ќе му издејствуваат ослободување од вина во случајот „Империја“.

Обвинителката Вилма Русковска во едно од нејзините интервјуа посочи дека Јанева не е дел од истрагата, и затоа не се преземени мерки за нејзиното следење или лоцирање.

Јавниот обвинител Љубомир Јовевски изјави и дека е познато како биле давани парите на осомничените Јовановски и Милески.

„Парите се дадени во готовина во два наврата. Обвинителството уште во предистражната постапка ги утврди начинот и сметките од кои се обезбедени парите. За да не се наштети на постапката, други детали не би откривал. Но кога ќе бидат создадени услови, јавноста ќе биде запознаена со начинот на извршување на кривичните дела во овој предмет“, вели Јовески во интервју за „Независен весник“.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG