Достапни линкови

Зоран Милановиќ е нов претседател на Хрватска


Зоран Милановиќ ја прославува изборната победа

Нов претседател на Хрватска е поранешниот премиер Зоран Милановиќ од Социјалдемократската партија(СДП), покажуваат резултатите на тамошната Државна изборна комисија врз основа на речиси сите обработени избирачки места.

Тој во денешното гласање во вториот круг на претседателските избори ја порази досегашната претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ од владејачката Хрватска демократска заедница(ХДЗ).

Претседателот на СДП Давор Бернардиќ вечерва прогласи изборна победа.

Според резултатите од Државната изборна комисија, врз основа на 99,54 отсто обработени избирачки места, Милановиќ освои 52,69 отсто од гласовите или околу 1 милион и 30 илјади гласови, а Грабар-Китаровиќ 47,31 отсто или околу 926 илјади гласови.

Милановиќ победи во најголемите хрватски градови – Загреб, Сплит, Ријека и Осијек.

Одѕивот беше скоро 55 отсто од вкупно 3,9 милиони граѓани со право на глас.

Новиот претседател е роден во Загреб во 1966 година, каде што дипломирал право. Во 1990-тите работел во Министерството за надворешни и европски работи, а по смртта на Ивица Рачан во 2007 година беше избран за претседател на СДП.

Од 2011 до 2016 година беше премиер на Хрватска, а по поразот на парламентарните избори поднесе оставка од лидерското место на чело на партијата и му се посвети на приватниот бизнис.

Во кампањата тој ветуваше борба против неправдите, насилството, корупцијата, дека ќе ги штити послабите и човековите права, како и дека ќе се залага за рамноправност на сите граѓани.

Милановиќ треба да ја преземе претседателската функцијата на 18 февруари.

Актуелната претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ стапи на функцијата на 19 февруари 2015 година. Таа тогаш со мала разлика до победи кандидатот на коалицијата на левиот центар, дотогашниот претседател Иво Јосиповиќ, кој според анкетите беше фаворит.

XS
SM
MD
LG